Маваме во дното според капиталните инвестиции, предупредуваат од Комисија за финансии на ВМРО-ДПМНЕ, споделувајќи ги официјалните податоци според кои месец ктомври 2019 е најлошиот од редицата исти месеци за периодот 2009-2019 според реализираните капитални инвестиции.

Срамни 750 милиони денари се целокупните инвестиции кои ги реализирала владата на СДСМ и ДУИ во инфраструктурата на Македонија во текот на месец октомври 2019 година. За споредба и воочување на фактите, вториот најлош октомври во анализираниот период е во 2018 година, со инвестирани 1 милијарда денари. И тогаш, како и сега, СДСМ и ДУИ се на власт.

 

Нашиот пад е длабоко загрижувачки, за време од една година, за анализираниот период инвестициите се намалиле за 25%. Во ситуација на надворешно опкружување во кое економскиот развој во светски и регионални рамки го доживува својот максимум, а инвестициите во инфраструктурата се во примарен фокус, нашиот безнадежен владин тим води безнадежна политика и ги упропастува целокупните напори за економски развој, предупредуваат од Комисијата.

Доколку ги споредиме бројките за првите десет месеци од 2019 година, фактите кажуваат дека владата на СДСМ и ДУИ единствено се борат за своите привилегии и безобразни уживања. Животниот стандард на граѓаните, економскиот раст, индустрискиот развој и инфраструктурната изградба се оставени на немилоста и судбината од остатоците на владиното работење. Вкупните реализирани капитални инвестиции за првите десет месеци од 2019 се 9,26 милијарди денари. Тоа се 35,67% од првично планираните 25,97 милијарди денари или 40,79% од ребалансираните 22,70 милијарди денари. Анализата е извршена врз основа на првично планираните капитални инвестиции, бидејќи владата ветуваше економска година со високи капитални инвестиции и ние треба да ја држиме одговорна за ветеното, велат од Комисијата.

Од таму потенцираат дека капиталните инвестиции се од особена потреба и важност.

Сите ние сме за чиста питка вода, добри стандарди и услови за живеење, градење и домување, модерни болници, безбедни патишта, нови мостови, железница, аеродроми и сигурен енергетски систем. Овие цели се постигнуваат преку модерна, одржувана и безбедна инфраструктура. Затоа ни се потребни капиталните инвестиции, понецираат од Комисијата.

Од Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ велат дека мисијата на секоја влада треба да биде интензивно и ефикасно инвестирање во споменатата инфраструктура бидејќи истата е предуслов за одржлив економски развој, за подобрување на приватниот сектор, за побрзото движење на граѓаните, производите и услугите, за ослободување, стимулирање и мобилизирање на приватните инвестиции, за раст на вработувањата и платите, за подобар квалитет на животот и вложувањето во иднината на државата.

Секојдневно читаме и слушаме за држави кои имаат економски успех. Единствен начин да се успее е првин да се вложува во инфраструктурата на државата. Постои силна корелација меѓу висината на реализираните капитални инвестиции и висината на бруто-домашниот производ. Капиталните инвестиции значат инвестирање во сопствената држава, креираат или обновуваат витална инфраструктура, стимулираат побарувачка на материјали, дополнителни добавувачи или изведувачи и овозможуваат приходи за голем број на лица. Приходите на сите инволвирани лица во извршувањето на капиталните инвестиции порано или подоцна се трошат и постануваат приходи за други лица и овој круг на економска активност и инфраструктурата како основа за раст на приватниот сектор, заедно го стимулираат економскиот раст, се вели во нивното соопштение.

Тие потсетуваат дека во минатото Македонија бележеше одлични резултати во реализацијата на капиталните инвестиции.

Но, во последните две и половина години, како никогаш претходно реализацијата на капиталните инвестиции е на историско најниско ниво. Проекциите за цела 2019 година се дека капиталните инвестиции ќе бидат околу 45% од планираното, што само по себе кажува дека моменталната влада е неспособна да иницира, планира, работи и спроведе капитални проекти со кои ќе ја подобри македонската економија. Нивниот главен фокус е предизборниот поткуп, расипништвото и непродуктивното трошење. Владата лаже дека 2019 ќе биде економска година со високи капитални инвестиции, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.