Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,13 % во однос на Одлуката од 8.3.2021 година.

Минатата недела цените на двата референтни типа нафта, Брент и американската WTI, на светските берзи бележат раст како резултат на намалената испорака од сурова нафта од страна на големите произведувачи. Дополнително влијае и факторот на имунизација кој влева оптимизам за враќање во нормала на економскиот живот со што се очекува и оправување на побарувачката од сурова нафта на светскиот пазар во втората половина од оваа година – вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 денар/литар, додека малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 08.03.2021 година.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,368 ден/кг и сега ќе изнесува 36,211 ден/кг.

Од 16.3.2021 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95   67,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98   69,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)  57,00 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1)   46,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 36,211   (денари/килограм)

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 4,982 %, дизелот за 2,764 %, екстра лесното масло за 3,358 %. Додека кај мазутот е регистрирано намалување во просек за околу 0,068 %

Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 1,218%.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 16.3.2021 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.