Над 46,4 милиони евра е годишниот приход од наплата на патарини на Јавното претпријатие за државни патишта во минатата година, што е за 2,8 милиони евра повеќе во однос на 2019, а за 12,1 милион евра повеќе во однос на 2020 година. Над 25 проценти од вкупните средства лани се остварени преку електронската наплата на Коридор 10. Годинава ЈПДП очекува приход од над 50 милиони евра, ставање во функција и на наплатните станици Преод и Кадрифаково на автопатот Скопје-Штип, како и електронски систем на наплата на постојните патарини на Коридор 8.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Ејуп Рустеми во интервју за МИА вели дека наплатната служба при ЈПДП во 2021-ва иако беше година на пандемија и ограничени можности за непречен сообраќај меѓу државите оствари рекорден приход и историски успех во 35-годишното постоење. И покрај затворени гранични премини до втората половина на мај, посочува Рустеми, наплатната служба успеа одлично да ја организира и контролира работата и при тоа да оствари промет во 2021 година кој е за 36 проценти повеќе во споредба со 2020 година, а во однос на претходно рекордната 2019 година зголемувањето е за шест проценти.

-Според досегашниот остварен годишен промет од наплата, зголемувањето е над 170.000.000 денари (2,8 милиони евра) повеќе од 2019 година, додека во однос на 2020 година зголемувањето е за 747.583.000 денари (или 12.155 милиони евра) повеќе остварен промет од наплата на патарина. Во 2019 година вкупно беше остварен приход од 2.681.866.666 (или 43,6 милиони евра), додека во 2020 година остварениот приход изнесуваше 2.092.9818.055 денари (или 34.029.562 евра). Оваа календарска година приходот е 2.853.668.980 денари (или над 46,4милиони евра). Овие суми на приходи се однесуваат само за остварен промет од наплата на патарина, продажба и надополнување на електронски уреди, а над 25 проценти од вкупно наплатени возила е остварен преку електронската наплата на Коридор 10, наведува Рустеми во интервјуто, што МИА ќе го објави дополнително.

Во голема мерка да се остварат овие резултати, како што вели, придонесе и Современиот мониторинг центар, кој е направен по европските стандарди за следење и организирање на работата.

-Со оглед на постигнатите резултати во електронската наплата наш фокус годинава ќе биде продолжување на процесот на модерницазија на патарините. И оваа 2022 година во однос на наплатната служба имаме поставено високи цели, кои ќе станат реалност со отворањето на двете нови наплатни станици Преод и Кадрифаково, и се предвидува годишниот приход да биде над 50 милиони евра, а годинава ќе го воведеме електронскиот систем на наплата и на Коридорот 8, најавува директорот на ЈПДП.

Во тек е изработка на проектна документација за реконструкција и имплементација на електронски систем за наплата на постојните наплатни станици на Коридор 8. По целосно одобрување на проектната документација од надлежните органи и институции Рустеми најавува дека ќе започне и реализацијата на терен. Се очекува модернизацијата на наплатните станици на Коридор 8 да стартува по првиот квартал од годинава.

Имајќи ги во предвид временските прилики и сезоната кога градежните работи најчесто паузираат, посочува, завршувањето на изградбата и имплементацијата на електронскиот систем за наплата на наплатните станици Преод и Кадрифаково се очекува да заврши кон крајот на април годинава.

-Зголемувањето на приходите значи и зголемување на инвестициите, зголемување на градбите, рехабилитациите, реконструкциите, изградба на нови патишта, доизградба на започнатите патишта, подобрување и подобро одржување на патната инфраструктура во држава со крајна цел сигурни и безбедни патишта за граѓаните, истакнува Рустеми



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.