Сo изгласувањето на законските измени на Законот за работи односи, од идната година веќе нема да може да се продолжува пензионирањето за дополнителни три години, односно до 67-годишна возраст.

Годинава, ваквото продолжување е можно до 31 август. Законот ќе почне да се применува од 30 јуни 2022 година.

Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку поинаку не е уредено со друг закон  – пишува во Законот за работни односи.

Пратеничката Снежана Калеска Ванчева, која е една од предлагачите на законските измени, објаснува дека според Законот за пензиско и инвалидско осигурување жените, како и досега, може да изберат да одат во пензија и на 62 години.

Ова решение остава можност жените да одат во пензија и со навршени 62 години возраст, согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Продолжување на работниот однос до 67 години, под строго дефинирани критериуми и постапка, ќе има само за дефицитарните кадри во здравството и во високото образование. На овој начин отвораме можност за вработување на младите, но и ја намалуваме бројноста во администрацијата – објаснува Ванчева.

Таа вели дека одложената примена на Законот е за да им овозможи на граѓаните да го реализираат веќе стекнатото право.

Во измените на Законот за работни односи е наведено дека за поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година, се применуваат досегашните одредби од Законот за работните односи. Притоа, договорот за вработување важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.

Според анализите на Министерството за труд и социјална политика, 6.000 вработени, како од јавниот, така и од реалниот сектор, до крајот на 2020 година ќе наполнат 64 години.

Законските измени беа во собраниска процедура од ноември минатата година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.