Од денес, 1 јануари 2020 година, од царина ќе бидат ослободени малите пратки во вредност до 90 евра, соопштија од Агенцијата за пошти, додавајќи дека оваа одлука е заради зголемувањето на е-трговијата во Северна Македонија, како и во насока на спроведување на препораките на Европската Комисија.

Како што е соопштено од страна на Министерството за финансии, оваа промена е овозможена со измените на Уредбата, изработени врза база на анализата за царинење на мали пратки, со кои прагот на ослободување од царина за нив се подига од 45 евра на 90 евра.

„Исто така, ова беше една од иницијативите на Агенцијата за пошти која уште од 2013 година укажуваше на потребата за зголемување на лимитот за ослободување од плаќање на царински давачки на стоката која се внесува во државата преку поштенски пратки и на која во континуитет се инсистираше во насока за создавање на неопходна правна рамка компатибилна на европската. Тоа зголемување ќе ги подигне вкупните капацитети на е- трговијата во Република Северна Македонија и последователно на тоа ќе влијае на поштенскиот сектор особено врз раздвижување на пазарот на пакети во меѓународниот но и во домашниот поштенски сообраќај кој сегмент има респектабилен раст во обемот на извршени услуги“, додаваат од Агенцијата за пошти.

Според податоците на Државниот завод за статистика онлајн купувањето во Северна Македонија во 2019 година е зголемено за 14% во последните 12 месеци, односно онлајн нарачките се зголемиле на 35,9% од 31,6%.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.