Законот за недела неработен ден, кој почна да се применува од 1 јануари ги затвори најголемите трговски синџири денеска во главниот град. Тоа созаде метеж на бензиските станици кои секако работат и денеска. Затворени се и поголемиот број на дуќаните во моловите.

Поради законските обврски денеска е ден за одмор на околу 92 отсто од работниците. Вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто. А дополнително, 2 проценти од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки. Тоа најверојатно ги принуди сопствениците да ги затворат објектите.

Државниот инспекторат за труд соопшти дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.

Пред започнување на вршење на работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец- Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб страницата на Државниот инспекторат за труд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.