Генералниот директор на А.Д. Пошта, Јани Макрадули очекува од 1 март следната година да бидат отворени шалтерите на „Халк банка“ и граѓаните да можат да ги плаќаат сметките во пошта.

Договорот е во финална фаза. По одобрувањето на Владата, има детали коишто ги договараме. Обврска на банката е за да започне со работа најдоцна за два месеца. Јас верувам дека на 1 март следната година граѓаните ќе можат да плаќаат сметки. Замолувам за трпение. Нашата провизија е најмала. Ние како универзален оператор имаме обврска да одржуваме 330 точки низ државата. Има места во кои не можете да платите на друго место освен во пошта. На банките не им се исплати да имаат филијали во руралните средини, истакна Макрадули.

Тој информира дека со дел од банките имаат договор поштарите да ги носат пензиите и апелира до банките да го сторат тоа. Макрадули очекува поштарите повторно да ги носат пензиите, како што беше пред пропаѓањето на Еуростандард банка АД Скопје.

Владатаво својство на Собрание на акционери на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта“ во државна сопственост – Скопје, ја прифати како најповолна понудата на Халкбанк АД Скопје согласно двата усвоени критериуми за евалуација на понудата, и тоа во однос на рокот за почеток на имплементација на договорот од 2 месеци, како и во однос на процент на поделба на остварениот заеднички приход во висина од 71 отсто за „Пошта“ со 29 отсто за Халкбанк АД Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.