Со блок дотација од 180 милиони денари, средства од Буџетот, се набавија нови 15 комплетно опремени камиони и 3 машини за утоварање на ризла и сол за потребите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионални патишта, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при посетата во базата на Јавното претпријатие за одржување на магистралните патишта.

Владата на Република Македонија покажа подготвеност и со нова инвестиција го подигна капацитетот на зимската служба на ЈП за одржување на магистралните патишта, потенцира министерот Бочварски.

„После 25 години за прв пат го подобривме возниот парк на Јавното претпријатие. Преку капитална блок дотација од Владата до Јавното претпријатие за одржување на магистралните патишта доделивме средства за набавка на нова механизација во висина од 180 милиони денари. Конкретно, се набавија 15 нови комплетно опремени камиони со снежен плуг и соларка, како и 3 нови утоварни машини. Со тоа, значително го зголемивме капацитетот на Јавното претпријатие за зимско одржување на патиштата.“ – изјави министерот Бочварски.

Тој исто така ги повика и локалните самоуправи да се подготват и да се вклучат со сопствени капацитети за зимско одржување на локалните патишта.

Директорот на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта потенцираше дека цела потребна механизација и човечки капацитет е веднаш ставен во функција за претстојната зимска сезона.

„Подготвени сме за зимската сезона, веднаш ги ставивме во функција новите возила. Дополнително, би сакал да истакна дека набавивме 11 илјади тони индустриска сол и 8 илјади кубици ризла за тековното зимско одржување на патиштата. Воедно, би ги повикал сите учесници во сообраќајот, да ја поседуваат пропишаната зимска опрема во возилата.“ – изјави директорот на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта, Беким Мемеди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.