Со одлуката на Владата финансиски да поддржи само 2.204 компании од угостителската дејност, коишто беа затворени од 6 до 27 април Владата извиси повеќе од 4.000 угостителски објекти со над 10.000 вработени, реагира Независната угостителска комора.

Компаниите од угостителската дејност со приоритетни шифри на дејност според Националната класификација на дејности, 56.10, 56.29, 56.30, имаа можност да се пријават на отворениот повик за финансиска поддршка, при што од вкупно 2.406 пристигнати апликации, 2.204 се целосни, додека 202 апликанти, не се со соодветна шифра на дејност, или имаа регистрирано подружници под една од споменатите шифри. Вкупната финансиска поддршка за сите 2.204 компании кои ги исполниле условите на јавниот повик е во износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра, соопшти вчера Владата.

Од НУК, пак, велат дека и покрај бомбастичните најави и ветувања за шестиот сет мерки од одредени претставници на владата скроен за 6.000 угостителски објекти со над 17.000 вработени дека ќе им исплати вкупно 9,9 милиони евра надомест на загубите и штетите за периодот кога беа затворени, владата сепак одлучи да исплати само нешто повеќе од половина од ветената неповратна помош во висина од 5,77 милиони евра на само 2.204 угостители.

И покрај укажувањата од страна на НУК за неправилноста и нелогичноста на јавниот повик за ветена и најавена финансиска помош со шестиот сет мерки, со вчерашната одлука на Влада, две третини од угостителските објекти добија дефинитивно ладен туш и останаа со празни сметки од очекуваната неповратна финансиска помоши и поддршка за надомест на штетите и загубите кои ги имаа поради забраната да работат со гости од 6 до 27 април 2021 год.

Владата не успеа да ги оддржи ветувањата и најавите и си донесе одлука со која само на 2.204 од скоро 6.500 компании од угостителската дејност, коишто со одлука беа затворени во периодот од 6 до 27 април ќе им исплати износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра.

Зошто Владата најави и вети 9.9 милиони евра за 6000 угостители и 17.000 вработени, а создаде услови и критериуми од кои ќе исплати на една третина нешто повеќе од половина од ветената помош. Која е целта на Владата да се попишмани за најавите и ветувањата и со ваква одлука да им одземе повеќе од 4 милиони евра ветена помош на угостителите? Во чии џебови и сметки сега таа помош ќе биде пренасочена, стои во соопштението на НУК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.