На територијата на државава минатата година се регистрирани 866 бесправно изградени објекти, од кои 160 за домување, покажуваат податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика.

Анализата на статистиката според видот на објектот, покажува дека нелегално се изградени и 94 доградби, надградби и адаптации, 55 деловни објекти, 64 гаражи, 196 огради, 14 скалила, 27 тераси, 46 летни тераси, 92 настрешници, 14 времени објекти и 104 помошни објекти.

Најголем број бесправно изградени објекти, 852, (98,4 проценти) се во приватна сопственост, додека има и 10 дивоградби во државна сопственост.

Во главниот град се регистрирани 153 дивоградби од различен вид, најмногу во Чаир, 45, по што следи Ѓорче Петров со 39, Бутел со 37, Кисела Вода 22, Шуто Оризари 10. Во останатите општини низ државата, во Кавадарци се регистрирани 85 дивоградби, Струмица 73, Штип 64, Охрид 59, Куманово 53, Струга 46, ..

Од дивоградбите со намена објекти за домување во Скопје се регистрирани 27, од кои 18 во Бутел, додека во Куманово и во Струга има по 13 такви објекти, девет во Струмица, осум во Охрид, шест во Штип…. Скопје е рекордер и по број на нелегални тераси, 46, при што 40 од нив се на територијата на Шуто Оризари.

Во декември лани Владата усвои Предлог закон за легализација и тој влезе во собраниска процедура, но не беше изгласан, откако беше распуштено Собранието за планираните предвремени парламентарни избори за 12 април, а што подоцна беа одложени по кризата со КОВИД-19. Со законот се предвидуваше нов рок за легализација на дивоградби за периодот од март 2011 до октомври минатата година, односно дивоградбите што не беа опфатени со актуелниот закон. Исклучок од можноста за легализација беа дивоизградените згради, надградбите на зградите, проширените тераси, како и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. За легализација требаше да се платат комуналиите плус казна од 50 проценти од износот за комуналии.

Со актуелниот Закон за легализација можеа да се легализираат дивоградби изградени до март 2011 година, а во роковите што се продолжуваа во два наврати беа поднесени 430 илјади барања за легализација. Беа легализирани околу 250 илјади дивоградби, а околу 100 илјади беа во процедура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.