Лебот кој до пред некој ден се продаваше за 20 денари, сега може да се купи за 25 денари. Деновиве основниот прехранбен производ поскапе, ама тоа не ја потресе многу власта. Имено вицепремиерот Кочо Анѓушев, поскапувањето на лебот го оправда со сушата која си го зела својот данок, а најважно било тоа што поскапел „само“ најевтиниот леб, што во слободна интерпертација би значело дека штетата од поскапувањето и не е толку голема. Сепак праксата покажува дека поскапувањето на лебот по правило носи поскапување и на останатите производи кои се изработуваат од брашно, но и опасност од одвртување на инфлационата спирала.

Така прошетката низ пекарите низ Скопје покажува дека не е само лебот поскапен, туку дека нагорна корекција на цената има кај речиси сите пекарски производи.

Кифлите кои до пред некој ден се продаваа за 20 денари сега чинат 25 денари. Баничките, крофните и се што се продава исто така се качени за неколку денари. Можеби тие неколку денари некому не му значат ништо, но некој поради тие неколку денари може да остане без леб. Колку само семејства има кои едвај успеваат да си купат леб, а сега ќе останат и без него, бидејќи секојдневниот дополнителен трошок на крај ќе се одрази врз месечниот буџет кој кај некои граѓани е повеќе од скромен – негодуваат граѓаните кои едвај успеваат да ги покријат месечните трошоци за храна и комуналии.

Владата најави дека ќе ја следи состојбата и ќе реагира ако има потреба преку стоковите
резерви, но засега нема да интервенира на пазарот, бидејќи сега оставале реалната економија да ги реши проблемите сама по себе, без многу интервенционизам.

Како Влада ќе ја следиме состојбата и доколку видиме дека има посериозен импакт на сите останати пекарски производи генерално, ќе интервенираме од државните резреви со житни производи. Имаме доволно резерви, тие се купени со соодветни цени, домаќински е тоа направено и ќе реагираме навреме доколку видиме дека зафаќа поголем замав. Сега оставаме реалната економија да ги реши сама по себе проблемите без многу интервенционизам, но ако има потреба ќе го направиме тоа – изјави Анѓушев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.