Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, го следи примерот на својот претходник, Горан Сугарески и најави дека наскоро ќе почнат градежни активности за рехабилитација на патот Струга-Ќафасан.

Претходните вакви ветувања останаа само на хартија иако овој пат е доста фрекфентен и по него минуваат илјадници возила во текот на годината, но и сите камиони кои транзитираат кон Албанија и Црна Гора.

Ние сме при крај со проектирањето на овој патен правец. Некаде во текот на 12 месец оваа година, очекуваме да ја имаме целата техничка документација и на почетокот на 2021 година, ќе биде распишана тендерската постапка преку ЈП Државни патишта. И наскоро и овде ќе имаме видливи активности. Веројатно наредната пролет или во текот на летото – вели министерот Бочварски.

Последните ветувања од Агенцијата за државни патишта дадени во септември, беа дека во текот на октомври годинава, ќе биде објавен тендер за избор на најповолен понудувач, по што до крајот на годинава ќе отпочнат градежните работи.

Претходно, истото се ветуваше за март, па за мај годинава. Но, наместо тоа, пред десеттина дена само се подзакрпија дупките, кои се отворија со првите пообилни врнежи од дожд и снег. Жителите од населените места во близината на овој пат, не гледаат повеќе надеж.

Патот не чини. Патот е катастрофа. Треба да се преземат мерки инаку е проблем, патот е многу голем проблем. Дупките се крпат, но нема ништо, нема нов асфалт. Во Албанија патот е многу подобар отколку во Македонија – реагираат возачите.

Со проблеми се соочуваат и бројните превозници од Македонија и Албанија кои поминуваат по тој пат.

Има многу дупки. Ги искршивме амортизерите од камионите, а два километра пат е. За два километра не го прават патот, а плаќаме такса за патот што поминуваме. Во Албанија патот е многу добар. Кога слегуваш од Ќафасан патот е подобар – вели превозник од Албанија.

Овој патен правец е важна делница и за пристап на македонските граѓани кон албанското приморје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.