Годинашната реколта на тутун е под закана да остане непродадена и да скапува на таваните на земјоделците. Откупот почна, a производителите велат дека цената никогаш досега не била толку ниска. Велат дека квалитетниот тутун откупувачите им го вреднуваат како трета класа и за него добиваат максимум 150 денари по килограм.  Откупувачите пак велат дека производителите им подметнуваат тутун со полош квалитет мешајќи го со повисоките класи, објави „Сител“.

Надлежниот министер, пак, смета дека ова се должи на Ковид кризата и временските услови и вели дека уште е рано да се носат заклучоци. Уверува дека ситуацијата ќе се промени до крајот на откупот. Засега  како решение кое државата го нуди на тутунарите  е укинување на четвртата класа. Со ова се очекува да скокне просечната цена.

Дел од тутунарите кои беа на средба со министерот се задоволни од ветувањата на надлежните, но сепак признаваат дека ако цената не се зголеми ќе бидат принудени да се откажат од произвидството.

За во недела некои здруженија на тутунопроизводители најавија предупредувачки протести низ повеќе градови. Тие се децидни дека по сегашните цени нема да го дадат тутунот.

Засега се отворени само 4 од 10 откупни пункта. Откупени се близу 260 од вкупно  23.000 тони тутун. Лани просечната откупна цена достигна 220 денари по килограм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.