Придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“  се видливи, тоа што е потпишано веќе се спроведува, нема заджување на камионите на граница, се крати времето на чекање, се кратат административните и царинските процедури, за само 24 часа македонските производи се на српскиот пазар, изјави утрово министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој заедно со министрите за земјоделство на Србија, Албанија и Република Српска, го посетија царинскиот терминал „Делизе“ во Белград, Република Србија.

„Драго ми е што вака работно на терен, заедно со колегите од регионот,  имаме прилика да видиме практично како функционира иницијативата „Отворен Балкан“, којашто ја одбележа оваа година и којашто ги дава резултатите. Особено ми е драго што огромни конзорциуми и компании, потврдуват дека навистина се скратени времето на чекање и процедурите. Се уверивме дека  она што е потпишано веќе е спроведено. Нема задржување повеќе на камионите на граница, се крати времето на чекање, се кратат административните и царинските процедури. Особено е важно што направивме поголем чекор а тоа е меѓусебното признавање на сертификатите и не се земаат повторно мостри и не се прават повторно анализи, а тоа е особено добро за бизнис климата на целиот регион“ изјави министерот Николовски.

Тој посочи дека за македонските компании е особено важно, што земјоделските производи нема да се расипуваат бидејќи нема да се чека на границите. Со овие забрзани процедури трите земји потписнички на иницијативата „Отворен Балкан“, ќе си помогнат најмногу, особено заради тоашто вкупната трговска размена е околу 300 милиони евра само во делот на земјоделските производи.

Министерот Николовски потенцираше дека за Македонија, Србија и Албанија од особено значење ќе биде и другите земји од регионот да се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи овие иницијативи го движат и економски го унапредуваат целиот регион.

Инаку денешната посета на министерот Николовски на царинскиот терминал во Белград е во рамки на одржувањето на саемот „Агро Белград“, каде што ќе го посети и македонскиот штанд. Се работи за специјализиран саемско-конференциски настан посветен на овоштарството, лозарството и градинарството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.