Луѓето и во Четвртата изборна единица ги мачат две маки – националното понижување и економското опустошување кое се случува и во овој крај, како и во цела Македонија, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски при посетата на Радовиш. Тој ги посети и Конче и уште неколку околни населени места.

Рече дека во тој регион најмногу се зборува за проблемот на откупот на тутунот заради законот кој, рече, се донесе од мнозинството на СДСМ, а под влијание, како што рече, „на зелената мафија“, и десетици килограми тутун останале неоткупени и многу луѓе раскажуваат како во нивните дворови останал тутунот неоткупен од минатата година, а остатокот морале да го продадат по многу ниска цена и пониска класа.

– Затоа нашето основно ветување во овој дел е удар на зелената мафија кој што удар ќе значи дека на првата седница на влада ќе се донесе закон со кој нема да смее килограм тутун да се увезе во Македонија додека не се откупи домашниот и додека не се откупи по фер и гарантирана цена. Исто така, разговаравме за условите под кои работат превозниците, има доста превозници тука во Радовиш и спремаме еден пакет на законски решенија коишто ќе помогнат во тој дел. Разговаравме и за развојот на стопанството и индустријата, малите бизниси имавме можност да видиме отворање на еден таков денес, рече Николовски.

На средбата со жителите на Радовиш, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ќе го стимулираат со ниски даноци, со бескаматни кредити, како и со можност за вработување млади луѓе до 29 години без никакви дополнителни давачки.

Николовски упати и порака до неговиот противкандидат во Четвртата изборна единица, Зоран Заев, кој вчера, рече, „се уплаши и не дојде на ТВ дуел односно соочување на Канал 5“.

– Слушам дека денеска отишол во Кривогаштани и кажал дека не сум можел да го најдам Кривогаштани. Јас можам да му кажам дека јас го наоѓам и знам каде е ама тој во овие три години колку што е на власт не можеше да го најде и камен таму не стави. А на 15 јули кога ќе почнат да стигаат резултатите таму некаде после 10, 10 и пол, вратата нема да ја најде од големиот пораз кој што му следува, рече Николовски, повикувајќи го опонентот од СДСМ Зоран Заев да се соочи со него на ТВ дуел за, како што рече, да поразговараат за програмите што ги нудат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.