Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при гостување во ТВ21, истакна дека власта на СДСМ и ДУИ како што лани не набави вакцини на време, така и сега нема да ја реши енергетската криза, а граѓаните ќе плаќаат четири до пет пати поскапа електрична енергија.

Заев сака оваа влада на апарати да продолжи да живее, во ред, но што ќе правите со електричната енергија, парното и со гасот. До денеска немаме релевантен одговор, државата оди во тотален колапс, граѓаните можеби мислат дека претеруваме во тоа дали ќе има струја, парно или гас, но во следните месеци ќе биде многу полошо од тоа што е сега. Сакам да ги потсетам граѓаните на минатата година со вакцините за Ковид, кога можеби никој не веруваше дека Македонија ќе биде единствена земја од регионот која ќе нема вакцини и дека луѓе ќе треба да се молат во соседството за да се вакцинираат, па сега е истото. Сега нема избор дали ќе има или нема електрична енергија, како што тогаш не обезбедија вакцини, а бркаа провизии, истото е и сега – вели Николоски.

Тој посочи дека од 1 јануари следната година, Македонија со Зоран Заев нема да има електрична енергија по поволни, пристојни цени.

Треба да се насочиме кон нашите пријатели во меѓународната заедница за да помогнат Македонија да излезе од оваа енергетска криза. Кога јас би бил во влада би завртел кај сите партнери во НАТО, не како СДСМ кои се јавуваат да кодошат што работи ВМРО-ДПМНЕ и измислуваат некакви приказни. Како што не набавија вакцини на време минатата година, а земји од соседството како Србија имаа дури и вишок на вакцини, така и оваа година ќе се постави прашање и за енергетската криза. Ќе видите дека во Србија ќе остане оваа цена на електричната енергија, а во Македонија овие цени ќе се зголемат четири до пет пати повеќе, значи не проценти, туку четири до пет пати повеќе – истакна Николоски.

Николоски вели дека реалноста со СДСМ и ДУИ е таква и ќе биде се полошо со мафијашкото водење на државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.