Пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ на дебатата за вториот ребаланс на Буџетот на собраниската седница потсети на ветувањето на премиерот Зоран Заев дека „овој Буџет ќе биде најразвоен, дека централно место во него ќе биде грижа за граѓаните“, и укажа дека ова ветување не е исполнето.

Ова не е прво ветувањето кое не го исполнил и тоа го гледаат и граѓаните. Денес сме сведоци дека имаме пораст на невработеноста, за прв пат пораст на сиромаштијата. И не само што не е развоен Буџетот, туку имаме 46 илјади нови невработени. Ова е резултат на работата на оваа Влада, рече пратеникот Сајкоски.

Според него мерките не допираат до компаниите или допираат само до компаниите блиски до власта, но не и до оние на кои реално им треба помош.

Ова е најголем Буџет во историјата на Македонија, а дилемата е каде се потрошија 4 милијарди евра. Јасно е дека дел отиде за поткуп за предвремените избори, но не беше реализиран ниту еден суштествен проект, нема ништо од проектите како пруга со Бугарија, ветуваа 500 километри автопати, а не се закрпени патиштата. Дилемата е кај се 4 милијарди евра, а нема капитални инвестиции, а нема ниту еден проект по областите за што ние предложивме и амандмани. На пример за болницата во Кичево. И денес наместо модерна болница имаме шатор кој е ковид центар, така ќе ги лечиме болните, укажа Сајкоски.

Сајкоски укажа дека не само што нема соодветна помош за комапниите, туку и дека компаниите се и под притисок, и се пред колапс.

Во меѓувреме 15.800 лица се вработени годинава во јавниот сектор. Никој не знае во јавноста каде е потребата, а Владата зборува за преполнета администрација. И што ќе им кажете на оние кои останаа без работа за време на кризата, оние 46 илјади. Но, Македонија беше во криза и во првите три месеци кога немаше корона. Во првите три месеци исто имаше длабока криза, а со корона кризата дополнително излегоа на површина проблемите, рече Сајкоски.

Пратеникот Сајкоски укажа дека за состојбата во која е економијата во Македонија загриженост има и кај странските институции.

За економијата загрижена е и Светска банка затоа што полошо се справуваме од слични земји на нас. Истото го вели и ММФ и ЕБОР, рече Сајкоски.

Сајкоски заклучи дека од Владата треба да престанат да размислуваат за лично богатење и оти одговорност мора да има.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.