Директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири, апелира до граѓаните да ги почитуваат роковите за пријава во Агенцијата, затоа што од 15 септември лани повторно е воспоставено редовното пријавување на секои 30 дена за активните баратели на работа и на секои шест месеци за пасивните.

Невработените лица беа известени за терминот кога треба да се пријават во надлежниот Центар за вработување или дисперзирана канцеларија. Заклучно со денеска околу 54 илјади лица доцнат со пријава во евиденцијата на невработени лица – информира Демири.

Тој ги повика лицата кои доцнат со пријава во евиденција на невработени лица да дојдат во Центрите за вработување и дисперзираните канцеларии за да ја регулираат својата обврска во рок од 30 дена, односно најдоцна до 19 март, петок.

Јавно ги повикуваме сите оние лица кои ги надминале роковите за пријава во евиденцијата на АВРМ во наредните 30 дена почнувајќи од утре, да дојдат во Центрите за вработување каде се евидентирани за да ја регулираат својата обврска како активни или пасивни баратели на работа. Апелираме до сите лица кои ќе дојдат да се евидентираат да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот Ковид-19 , да носат заштитна маска и да одржуваат соодветна дистанца од другите лица – рече директорот.

Невработените лица кои нема да ги исполнат своите обврски во рок од 30 дена согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се бришат од евиденцијата на невработени лица и можат повторно да се пријават по истекот на една година, а корисниците на права по основ на невработеност го губат и правото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.