Корона кризата од ден на ден си го зема својот данок со големиот број на граѓани кои ги губат нивните работни места.

Владата се фали дека се бори преку мерките да ги зачува работните места, од почетокот на пандемијата до сега над 50.000 граѓани останале без работа, а оваа бројка застрашувачки расте со по неколку илјади секој месец. И покрај помошта за компаниите, над 4000 компании се згаснати во првите шест месеци од 2020 година.

Загрижувачки се и резултатите од истражувањето кое беше објавено во октомври минатата година од институтот за економско истражување и политики „Фајнанс тинк“, според кое над 100.000 граѓани сега живеат со две евра дневно. Претседателот на организацијата „Банка за храна Македонија“ Душко Христов, од друга страна, вчера изјави дека дури 80.000 луѓе во државата можат да си дозволат само два до три оброка неделно.

Состојбата се влошува од ден на ден, а како што изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска забрзано расте и бројот на семејства кои влегуваат во системот за социјална заштита. Како што објави Шахпаска, во овој систем од почетокот на пандемијата до сега влегле дополнителни 5.500 семејства, а доколку потрае кризата и во 2021, се очекува во овој систем да влезат уште други 6.000 семејства.

Состојбата од ден на ден се влошува, а владините мерки не даваат резултат за што сведочи и нивната слаба реализација која се должи на тоа дека мерките се скроени без консултации со експертите и луѓето што ги тангираат, а многу од нив се и задоцнети.

За излез од катастрофалната ситуација експертите советуваат Владата да се посвети на вакцинацијата со цел економијата што поскоро да се отвори и да почне да се нормализира, но и во овој сегмент сме последни имајќи го предвид фактот што во соседните земји веќе е започнтата вакцинацијата а во Македонија не се засега не е пристигната ниту една доза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.