Владата не обезбедува никаква помош за граѓаните кои останаа без плати два месеца, поради заглавените мерки од петтиот сет во Собранието. Владата на Зоран Заев ќе ги остави на цедило илјадниците луѓе кои ги изгубија или кои ќе ги изгубат своите работни места поради неспособноста да се изнајде решение за оваа категорија луѓе.

Според министерот за финансии, Фатмир Бесими не се планираат брзи мерки, туку дека ќе се чека на гласање на законите во законодавниот дом. Се предлага рокот за аплицирање да се продолжи до 15 април, иако нема никаква сигурност дека овој закон дотогаш ќе биде изгласан и ќе биде објавен во Службен весник за да стапи на сила во наредните седум дена за да може компаниите да аплицираат.

Со цел да се искомпензира овој изгубен период со амандманско решение се дава можност до 15 април да аплицираат за двата месеци и за февруари и за март и со тоа и тие износи кои што ги исплатиле за март како што предвидуваше мерката да може се реализира од страна на фирмите, а сѐ со цел да се намалат административните постапки во однос на реализација на мерката сега може да аплицираат со една апликација за двата месеци – рече вчера Бесими.

Имено, од пред некој ден над 6.000 вработени во околу 70 конфекции се на колективен одмор, а во угостителскиот сектор се очекува, нови над 30 илјади работници, заради рестриктивните мерки, да ги изгубат работните места.

Досегашните мерки за помош и поддршка на економијата во справувањето со последиците од пандемијата Ковид-19 како што самите укажуваат помогнаа за одржување на домашната економија, но реално не го дадоа бараниот и очекуван ефект на помош за угостителската индустрија како индустрија која е најпогодена и најмногу настрада во оваа глобална здравствена криза – тврди претседателот на Независната угостителска комора, НУК, Здравко Јосифовски.

Државата се уште нема обезбедено доволен број на вакцини против корона вирусот, со што би се обезбедила масовна вакцинација на населението и со тоа да се овозможи предуслов за нормално функционирање на стопанството, но тоа не беше пречка економскиот тим на Владата вчера излезе со заклучок дека економијата закрепнувала, па дури дадоа и оптимистичко сценарио за македонската економија годинава.  Колку тоа може да се постигне е знак прашалник, а од друга страна се очекува јавниот долг да достигне 63,4 отсто од БДП.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.