Дали во неделите ќе се сопнуваме на тротоарите преку распосланите домати, пиперки, компири, кромид… ќе зависи од тоа дали ќе има катанец на портите на зелените пазари. Во моментот, изготвувачите на измените на Законот за работни односи, велат дека никој не им брани на тезгаџиите да работат во недела, а од друга страна, за организаторите на зелените пазари, неделата ќе биде неработна?!

Ваквата небулоза мора да се исправи, бидејќи најголемиот дел од пазарџиите се нерегистрирани физички лица. Со зелените пазари, пак, стопанисуваат и нивната работа ја организираат Јавните комунални претпријатија основани од општините, но и приватни друштва, кои регистрирано ја вршат дејноста на зелените пазари. Но, нивната дејност во предложените измени на законите за работни односи и за трговија, не е предвидена како исклучок од правилото „недела неработен ден“.

Во моментот околу 5.000 закупци продаваат на тезгите во педесетина општини, а 70 отсто се ангажирани од земјоделски производители. Пад на приходите ќе има и по основа на „дневните договори“, бидејќи во Гевгелија и Богданци, неделата е единствен пазарен ден.

Трговците на мало на зелените пазари се евидентираат само во регистарот на УЈП – како вршители на фактичка дејност трговија, за која не водат трговски книги за промет, а за извршениот промет плаќаат паушален данок. Тие не се вон системот и би можеле да се третираат како „самостојни вршители на дејност“, затоа што законот им обезбедил да вршат дејност и остваруваат егзистенција како фактички трговци. Но тие не можат да се подведат под работници, во смисла на Законот за работни односи, бидејќи немаат свој работодавач – велат од Групацијата на пазарите при СКСМ за „Слободен печат“ .

Од Групацијата веќе испратиле допис до министерката за труд Јагода Шахпаска со која бараат и средба за да укажат дека „трговијата на мало на тезги и пазари“, треба да биде предвидена како исклучок од неработната недела, бидејќи тогаш се остварува најголемиот промет.

Ваквото решение би било пред сѐ во интерес на тезгаџиите, како и за широкиот круг на граѓани. Организаторите на зелените пазари, пак, немаат никаква придобивка од ваквото решение, освен да го овозможат непреченото работење на трговците и редовното снабдување со свежи намирници во време и место кое е најповолно за граѓаните – дополнуваат од СКСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.