Предлог-законот со кој недела ќе се прогласи за неработен ден за сите е во завршна фаза, а со последните преговори се дефинирало кога ќе користат слободен ден работниците кои ќе работат в недела и за надоместокот за нив кој ќе биде законска обврска на работодавачите. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска очекува за кусо време предлогот да биде објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

На добар пат сме да го финализираме предлогот. Веќе три месеци се дебатира со сите засегнати страни. Во моментов се разговара за тоа кога ќе се користат слободен ден работниците кои работеле во недела, дали во понеделник и или во сабота како во многу земји и за надоместокот што законски ќе им следува. Предлогот ќе биде објавен на ЕНЕР за да можат сите граѓани да дадат забелешки. Од почетните 34 дејности кои треба да работат во недела, сега имаме 36 дејности и при крај сме да го дефинираме предлогот – рече министерката Шахпаска.

Таа не кажа со кои конкретно дејности е надополнета листата на дејности кои треба да работат во недела.

Прогласување на недела за неработен ден е предизборно ветување на сегашната власт кое ги подели и граѓаните и институциите на два табора едни кои се за, а други против предлогот во недела да не се работи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.