Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ го информираше Премиерот Зоран Заев, а со овој допис сака да ја информира и јавноста, за аргументи во однос на вистината за Фондот за осигурување на депозити и особено да се осврне на прашањето за наводна опасност од „финансиска нестабилност и несигурност“ што би можела да настапи доколку биде укинат или поништен член 163 став 3 од од Законот за банки.

Имено, напоменуваме дека, не само според формално-правните надлежности и овластувања на Фондот за осигурување на депозити, туку и според сите економско-финансиски показатели, не постои ниту грам вистина во тврдењата на одредени официјални лица и „експерти” дека со укинувањето на член 163 став 3 од Законот за банки би се довела во прашање сигурноста и стабилноста на финансискиот систем. Во таа смисла, постојат многу релевантни економски податоци кои покажуваат сосема спротивна состојба.

Интересно е дека, додека во јавноста многумина дебатираат „во име” на Фондот, токму најповиканиот, Фондот за осигурување на депозити, молчи. Значи, не постои ниту минимален сигнал од Фондот дека неговата финансиска состојба е влошена, уште повеќе неликвидна, поради исплатата на депонентите на Еуростандард банка. Напротив, според сите финансиски показатели кои се јавно достапни, состојбата со средствата кои се на располагање на Фондот се, не само стабилни, туку одат и во нагорна линија. Така, според проекциите од финансискиот план на Фондот за осигурување на депозити за 2021 година, Фондот очекува континуирано зголемување на приходите, кои до крајот на годината треба да достигнат 762.966.502,00 денари или околу 12.386.000 евра во вкупно наплатена премија.

Со постојаните годишни приливи што Фондот за осигурување на депозити ги има како резултат на премијата што банките ја плаќаат од депозитите на физичките лица односно 0,25 отсто на годишно ниво, Фондот достигнува висина на сопствени средства над законски предвидениот минимум од 4 отсто од вкупните депозити во банките и штедилниците. Денес, по исплатата на депонентите од Еуростандард банка, според јавно достапните информации од Фондот, тој процент е 4,72 отсто или 0,72 отсто повеќе од законскиот минимум. Веројатно затоа Фондот нема потреба од дополнителни средства, поради што и премијата за банките и штедилниците останува непроменета на ниво од 0,25 отсто, иако во случај на потреба, таа може да се зголеми до 0,7 отсто, колку што изнесува законскиот максимум.

Finansiski plan na FOD za 2021

Според овие податоци, апсолутно неосновани се сите изнесени стравувања дека со укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот би се довел во состојба на неможност да ја исполнува својата основна функција за обештетување на депоненти – физички лица доколку се случи ризичен настан.

Мораме да нагласиме дека во јавноста постојат многу шпекулации во врска со трошењето на парите од Фондот за осигурување на депозити. Поточно, шпекулации за ненаменско трошење на средствата. Но, ова е веќе проблем којшто отстапува од законито работење, бидејќи согласно член 6 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, „средствата на Фондот можат да се користат само за обештетување на осигурените депозити и за покривање на трошоци на работење на Фондот”. Доколку постои ненаменско трошење на средствата, тогаш тоа не е прашање на неможност за исполнување на функцијата на Фондот, туку прашање за одговорност на луѓето кои раководат со Фондот. Евентуалното лошо работење и одговорноста на раководството на Фондот не може да биде предмет на покривање од било кого, а најмалку од Уставниот суд. Напротив, одговорност, отчет и правда мора да важат за сите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.