Една од најголемите конфекции во државата, „Мода“ Свети Николе најавува нови отпуштања работници.

Оваа компанија која годинава има полоши производствени резултати од лани планира структурално и организационо прилагодување на планираното производство и работа во една смена.

Во текот на првото полугодие од 2021 година АД МОДА Св.Николе оствари производни резултати кои се послаби од остварените во истиот период во 2020 година. Остварен е извоз во вредност од 987.000 евра и е за 29% помал од истиот период во 2020 година. Остварените пониски резултати се резултат на намалениот број на работници и дисконтинуитетот во работењето предизвикан од КОВИД-19. Поради проблемите во продажбата во СР Германија, нарачките не се доволни за запослување на капацитетот на фабриката, стои во ценовно чувствителната информација објавена на веб страницата на Македонската берза.

Во образложението на финансиските резултати на компанијата се наведува дека остварените расходи се за 10% пониски од минатогодишните, дека не е исплатена дивиденда, ниту пак имало инвестиции во нова опрема, дека нема никакви кредитни задолжувања, а извезува главно машки кошули, женски блузи и заштитна облека за болници.

Неодамна од фабриката си заминаа 50 работници на кои не им беа продолжени договорите за работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.