Сферата на дигитализацијата која во последниве две години стана доста актуелна придонесе поплаките на потрошувачите на онлајн продажбата драстично да се зголемат. Во изминатава година дури 10 отсто од поплаките од потрошувачи кои пристигнале до Организацијата на потрошувачите на Македонија – ОПМ биле токму на онлајн продажбата.

Најголем дел од поплаките, како што изјави Мартина Грнчаровска од ОПМ пред почетокот на одбележувањето на 15 март, Светскиот ден на правата на потрошувачите, се за онлајн купување на облека и обувки особено од нелегални фејсбук страници, но во последно време и за онлајн купени технички апарати и бела техника за кои потрошувачите не добиваат гарантен лист и упатство за употреба. Проблем е што купувачите добиваат технички производи кои се некаква копија на оригиналот која воопшто не може да се употреби.

Потрошувачите во време на пандемија започнаа се повеќе да купуваат онлајн и да плаќаат онлајн и токму затоа и годинашната тема на Светската потрошувачка организација е „Фер дигитални финансии“. Тоа се поврзува со онлајн продажбата, бидејќи преку неа плаќаме онлајн со картички дали кај наш или кај странски трговец и доаѓа до злоупотреби. На овој начин потрошувачите се злоупотребуваат. Како што се зголемува онлајн продажбата така се зголемуваат и поплаките – рече Грнчаровска.

Купувачите, додаде, онлајн купуваат се од храна до облека, бела техника, продукти за домаќинство. Кај нас, како што кажа, во подем е нелегалната фејсбук продажба преку која секојдневно потрошувачите купуваат и се измамени од онлајн трговци, бидејќи не добиваат сметки и фактури.

Апелираме потрошувачите да внимаваат од каде купуваат и кога плаќаат со картички или во кеш бидејќи покрај тоа што може да добијат оштетен производ или производ каков што не нарачале воедно може да им биде злоупотребена нивната картичка и да им бидат земени средствата или да им бидат злоупотребени личните податоци. Затоа порачуваме многу да се внимава кога се купува онлајн и да се пази дали се купува од регистрирани или нерегистрирани трговци – посочи Грнчаровска.

Голем дел од потрошувачите од почетокот на годинава се жалеле и на високите сметки што ги добиваат за потрошена електрична енергија.

Имаше поплаки и за високите сметки на струја посебно по покачувањето на цената на електричната енергија. Дел од граѓаните сметаа дека премногу им е наплатено и дека не потрошиле колку што им е пресметано. Ги упативме до надлежните институции, да се обратат до ЕВН, да си ја прочитаат состојбата и да им кажат колку им е состојбата на нивниот мерен уред и доколку не успеат да го решат проблемот на тоа ниво да се обратат до Регулаторната комисија за енергетика и да реагираат таму за високите сметки – рече Татјана Тасевска од ОПМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.