Од Народната Банка реагираат на кажаното на Трифун Костовски, сопственикот на Еуростандард банка, кажани во емисијата „Студио 10“ на „ТВ 24“.

Реакцијата на НБРМ ја пренесуваме во целост.

Народната банка ги отфрла како целосно неточни обвинувањата и инсинуациите на еден од доминантните сопственици на „Еуростандард банка“ АД Скопје – сега во стечај, упатени кон Народната банка и нејзиното раководство.

 

Народната банка е независна институција и во своето постапување се води исклучиво од законите, кои подеднакво важат за сите. Kако регулатор и супервизор на банкарскиот систем не смее и нема да дозволи банка да работи спротивно на закон со тоа доведувајќи ја во прашање и стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Секоја слаба алка во системот мора да се санира или доколку тоа не е можно мора да се отстрани од системот за да нема негативни ефекти врз останатиот дел од финансискиот систем.

 

Со оглед на тоа што сопствениците на „Еуростандард банка“ не ја исполнија својата законска обврска за докaпитализација на Банката, единственото што Народната банка остануваше да го направи за да се заштити билансот на банката од натамошно влошување беше да ја исполни својата законска обврска и да ја укине дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, и на тој начин да ги стави средствата и имотот на располагање на доверителите.

 

На преземањето на ваквата мерка претходеше интензивната комуникацијата со сопствениците, во која Народната банка постојано укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и  инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи ги јасно последиците од неисполнувањето на нивната законска обврска за санација на Банката со дополнителна уплата на капитал.

 

Уште еднаш нагласуваме дека согласно со своите законски надлежности, Народната банка ги има преземено сите соодветни мерки, вклучително и законската обврска за поднесување кривична пријава за предизвикување стечај и штета на доверителите на „Еуростандард банка“ АД Скопје, со предлог за преземање и други мерки за натамошна заштита на интересите на доверителите.

 

Потсетуваме дека како и секогаш досега, Народната банка е постојано достапна за одговор на прашањата коишто се предмет на интерес на јавноста, а се во нејзина надлежност, притоа придржувајќи се до законската и подзаконската регулатива.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.