Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржа седница на којашто беа разгледани најновите економски показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%.

Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,5%, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за натамошно зголемување на ливидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија, соопштија од Народната банка.

Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, ликвидноста ослободена преку основниот инструмент на Народната банка, од вкупно 15 милијарди денари во април и мај, на седницата беше оценето дека е соодветна, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

На седницата беа разгледани и најновите економски показатели во домашната економија.

Генерално, ширењето на вирусот ковид-19 во глобални рамки и во домашната економија резултираше со негативни ефекти врз деловната активност и влијаеше поизразено врз довербата и очекувањата на фирмите и потрошувачите и во текот на вториот квартал. По забавувањето на растот на економијата во првиот квартал на оваа година, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот април-мај упатуваат на понатамошни негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност (продлабочување на падот на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото), се наведува во соопштението.

Во однос на инфлациските движења, ценовните промени за вториот квартал се нешто повисоки од проекцијата за вториот квартал, но тие се движени од фактори на страната на понудата. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и променливост на цените на примарните производи, присутна е неизвесноста околу проекцијата на инфлацијата од 0%. за 2020 година.

Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, а остварувањата во текот на второто тримесечје се нешто подобри од очекувањата.

Расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје упатуваат на поизразено негативно влијание врз домашната економија од ширењето на вирусот ковид-19 во текот на вториот квартал. Сепак, гледано по месеци, ефектите се најизразени во април, што е во согласност со очекуваната динамика, додека податоците за мај упатуваат на постепено закрепнување и можност трговскиот дефицит да биде во согласност со очекуваниот според проекцијата за вториот квартал. Од друга страна, податоците за менувачкиот пазар заклучно со јуни, упатуваат на пониски нето-приливи од приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал, во услови на пад и на понудата и на побарувачката за девизи.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јуни покажуваат нивен солиден годишен раст, нешто повисок во однос на проекцијата за вториот квартал од годината.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем се задржа на релативно стабилно и солидно ниво, што се потврдува и со отсуството на потреба на банките за задолжување на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари за јуни упатуваат на релативно стабилни движења на девизниот пазар, коишто сигнализираат натамошно постепено подобрување на очекувањата на физичките лица и економските субјекти.

Резимирано, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата на ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија, соопшти Народната банка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.