Погрешни се информациите кои излегоа на некои од порталите и на социјалните мрежи дека е покачен курсот на еврото. Во објавите се прави забуна помеѓу курсната листа за вршење на платен промет со странство за потребите на државните органи, со средниот курс кој е релевантен податок за вредноста на валутите, реагираат во средата вечерта од централната банка.

„Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани“, се вели во реакцијата.

Подаците се понудени на веб-страницата на Народната банка, каде секој ден се објавуваат овие податоци https://www.nbrm.mk/kursna_lista.nspx и која е единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута.

„Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. Народната банка располага со низа инструменти со коишто ја гарантира стабилноста на денарот во однос на еврото. Девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво – двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година“, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.