Народната банка соопшти дека нејзиниот Совет на својата редовна седница донел одлука за натамошно раздвојување на стапките на задолжителна резерва од валутен аспект, заради стимулирање на штедењето во домашна валута.

Од Народната банка посочија дека ја намалиле задолжителната резерва за денарските обврски од 6,5 на 5 отсто, а истовремено ја зголеми стапката на задолжителна резерва за обврските во странска валута од 16,5 на 18 отсто. Оваа мерка, којашто е втора по ред по мартовската промена на стапките на задолжителна резерва, како што се потенцира, е наменета за натамошно поттикнување на денаризацијата на билансите на банките, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките, поточно преку понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи.

Воедно, како дополнително зајакнување на ефектот од промените на стапките за издвојување задолжителна резерва, Народната банка го зголеми и делот од задолжителната резерва во странска валута којшто банките го исполнуваат во евра, од тековните 70 на 75 отсто. Пакетот измени кај системот на задолжителна резерва вклучува и зголемување на делот од задолжителната резерва во евра којшто банките го исполнуваат на просечна основа, од 5 на 10 отсто, што создава услови за пофлексибилно управување со девизната ликвидност на банките на дневна основа. Примената на новите услови на издвојување задолжителна резерва ќе започне во августовскиот период на задолжителната резерва, односно од 10 август.

Измените направени кај инструментот задолжителна резерва се во согласност со Стратегијата за намалување на евроизацијата на домашната економија, што е значајно за натамошното одржување на макроекономската стабилност, информираат од Народната банка.

На Советот беше разгледан и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за првиот квартал од 2022 година. Со почнувањето на конфликтот меѓу Русија и Украина, неповолниот амбиент имаше одредено неповолно влијание и врз динамиката на активностите на банкарскиот систем, којшто сепак како и при претходни кризни епизоди, успешно се справува со предизвиците. Депозитите од нефинансиските субјекти, во првиот квартал од 2022 година, забележаа годишен раст од 4,6 отсто. Во првиот квартал се почувствуваа влијанијата на сезонските фактори, но и негативните ефекти од руско-украинскиот конфликт, којшто предизвика уште поголема неизвесност и влошени очекувања. Пласманите во кредити на нефинансиските субјекти солидно растат и во првиот квартал, со годишен раст од 10,1 отсто. Поголемиот дел од кварталниот раст на кредитите беше насочен кон претпријатијата, но се забележува раст и кај кредитите на домаќинствата.

Во првото тримесечје, солвентноста на банкарскиот систем се задржа на стабилно и солидно ниво, со стапка на адекватност на капиталот од 17 отсто. Показателите за ликвидноста и натаму се на задоволително ниво и упатуваат на соодветно управување на банките со ликвидносниот ризик. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор се сведе на историски најниското ниво од 3,1 отсто, односно пониско и од претпандемичното ниво, со што квалитетот на кредитното портфолио на банките и натаму е солиден.

Неизвесноста околу натамошниот тек на настаните поврзани со пандемијата на Ковид-19 којашто сѐ уште е присутна, зголемените цени на енергентите и фрагментираните и нарушени синџири на снабдување заради конфликтот во Украина, како и строгите рестриктивни мерки воведени во Кина, се најзначајните фактори на ризик коишто ќе влијаат врз идната динамика на растот на економската активност и на активностите на банкарскиот систем, се наведува во извештајот од Советот на Народната банка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.