Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2020 година. Нејзин добитник е Ален Калач, награден со втора награда за трудот „Унапредување на процесот на кредитна анализа кај банките преку употреба на методи од машинско учење“.

Трудот на Калач беше оценет со највисока просечна оценка, во согласност со критериумите од објавениот конкурс. Станува збор за труд што се одликува со актуелност, како и со релативно висока апликативна примена во контекст на секојдневните кредитни активности на банките. Поконкретно, Калач го истражува прашањето за прецизна оцена на кредитниот ризик преку примена на методи од вештачката интелигенција, односно машинското учење. Преку тестирање и споредување на перформансите на повеќе методи и модели, авторот дава конкретни заклучоци во поглед на користењето и прецизноста на секој од нив, како и конкретни препораки за нивна примена во рамки на процесите на кредитна анализа и оценување од страна на домашните банки.

Трудот на Ален Калач е објавен на веб-страницата на Народната банка и е достапен на следната врска:

http://nbrm.mk/content/unapreduvanje_na_procesot_na_kreditna_analiza_kaj_bankite_preku_upotreba_na_metodi_od-mashinsko_uchenje.pdf

Народната банка ја доделува Годишната награда за млади истражувачи веќе четиринаесет години, со цел стимулирање на развојот на научната мисла во земјата и заради афирмација на младите стручни кадри. Конкурсот за годинешната Награда беше објавен кон средината на минатата, а трудовите се доставуваа до 1 февруари оваа година. Согласно стандардно утврдените правила, право на учество на конкурсот имаат авторите од земјата на возраст до триесет и пет години, при што секој автор може да конкурира само со еден труд, којшто задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. На годинешниот конкурс беа уредно пристигнати и разгледани вкупно пет трудови од млади истражувачи.

Заради состојбата со пандемијата на ковид-19, оваа година, Народната банка не беше во можност да организира одделен настан на којшто би била врачена Годишната награда. Согласно со досегашната практика, наградениот труд „Унапредување на процесот на кредитна анализа кај банките преку употреба на методи од машинско учење“ ќе биде презентиран во рамки на активностите на Клубот на истражувачите, кога за тоа ќе бидат создадени соодветни услови во натамошниот период.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.