Комитетот за финансиска стабилност на Народната банка тврди дека и по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје, граѓаните треба да бидат спокојни затоа што банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен.

Според Комитет, од каде на седница ги разгледале показателите за банкарскиот систем, тврдат дека сите други банки се стабилни и сигурни, а таква е состојбата и со штедилниците,

Според Комитетот, финансиската стабилност постојано јакне и за тоа клучен е придонесот токму на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем.

Тој е еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија, на којшто секогаш можат и ќе можат да се потпрат граѓаните и компаниите, и економијата во целина. Укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка е влог во натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина – велат од  Комитетот за финансиска стабилност на централната банка.

Оттаму додаваат дека со одземањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка  АД Скопје се штити стабилноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина.

Еуростандард банка имаше исклучително ниско учество во најзначајните активности на банкарскиот систем (1,3% од вкупната актива, 1,7% од вкупните депозити и 1,6% од вкупните кредити), а истовремено остваруваше значајно влијание врз нефункционалните кредити на системот – велат од Комитетот.

Од Комитетот дополнуваат дека укинувањето на дозволата за работа на Еуростандард банка не влијае на стабилноста на ниту еден сегмент на финансискиот систем.

Остварувањата на банкарскиот систем, со состојба на крајот на првата половина на оваа година се подобри споредено со мартовските податоци, кога корона-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во нашата економија. Од исклучително големо значење за постојаното јакнење на финансиската стабилност е што солвентноста на банкарскиот систем е во рамки на историскиот максимум. Најголемиот дел од добивката на банките, во изминатиот период беше реинвестирана, во согласност со препораката на Народната банка. Високата ликвидност на банкарскиот систем, заедно со неговата солвентност се главни показатели коишто потврдуваат дека системот има висока отпорност на шокови, но и капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор. Добивката на банките е намалена во изминатиот период, но показателите за профитабилноста на банкарскиот систем се исклучително солидни. Со изземање на Еуростандард банка од системот, според податоците на Народната банка со состојба на 30 јуни 2020 година, кај финансискиот резултат на системот се забележува подобрување за речиси 21% – велат од Комитетот.

Оттаму се со став и дека ваквите перформанси, банкарскиот систем, во секој момент може во рамки на максимумот да одговори на потребите на клиентите и ефикасно да им овозможи користење на банкарските услуги и производи, вклучително и квалитетна и соодветна кредитна поддршка и клучно, безбедност за нивните депозити.

Комитетот за финансиска стабилност на централната банка, заклучил дека соработката и координацијата меѓу финансиските регулатори е од исклучително значење за одржувањето на финансиската стабилност, а дека здравиот, сигурен и стабилен банкарски систем е главен стожер на финансиската и макроекономската стабилност, во којшто доверба може да имаат сите економски субјекти во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.