Советот на Народната банка одлучи денеска привремено да ја ограничи распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките. Оваа одлука се однесува и на штедилниците, соопшти Народната банка.

Како што е соопштено од НБ, одлуката е донесена поради неизвесноста од коронакризата. Мерката е времена , и е превентивна, со цел натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза.

Советот инаку оценува дека како и во изминатиот период така и последните податоци покажуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни.

Одлуката ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука.

Народна банка очекува поради неизвесноста од кризата банките и натаму претпазливо да ги планираат своите капитални потреби и ќе му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси.

Ова е од исклучително значење за натамошно зачувување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, како и за обезбедување натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, се вели во соопштението.

Вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.