Ненадејното намалување на маржите за трговија со горива од 4,5 на три денари, односно за 33 отсто, што историски претставува најниска маржа за трговците, создаде непазарни услови кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати, соопшти денеска компанијата „Макпетрол“.

Имајќи ја предвид нагласено тесната поврзаност на редовната испорака на горивата со нормалното функционирање на општеството, од компанијата – дистрибутер на нафтени деривати денеска во соопштение предупредуваат дека постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок.

Ваквите мерки, што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и останатите институции ги носат без никаква консултација со трговците, во овој случај тие со нафта и нафтени деривати, се несоодветни на глобалната криза од која особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува – истакнуваат од компанијата.

Компаниите што снабдуваат нафта и нафтени деривати, стои во соопштението, не можат врз себе да го понесат товарот на вештачко држење ниска цена на горивата, како социјална категорија. Сепак, станува збор за обврска на државата и на сите мерки што ѝ стојат на располагање, но не на сметка на пазарната логика и приватните компании. Оваа популистичка мерка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво, истакнува „Макпетрол“.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски по одлуката за намалување на трговската маржа за 33 отсто на сите трговците со нафтени деривати изјави дека тоа е единствен механизам кој на РКЕ му стои на располагање.

Сега го активираме затоа што ова се вонредни услови и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст – наведе синоќа во пишана изјава Бислимовски.

Според него, дополнително олеснување врз притисокот на крајната цена ќе бидат и најавените законски. измени во делот на ДДВ и акциза, кои апелира да се донесат побрзо.

Најавени се намалувања на цените на бензините и другите нафтени деривати од мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и од мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.