До Генералниот секретаријат во Владата досега пристигнати се околу 50.000 приговори, а прегледани околу 30.000. Но се уште нема информација за конечните решенија. Од Владата не кажуваат колку граѓани кои што се жалат и испратиле претставки за платежните картички ќе се најдат на списокот и ќе добијат помош. Вицепремиерката за економски прашања Мила  Царовска без одговор за што се однесуваат поплаките, колку лица ќе добијат платежни картички, а колку се одбиени.

Важно е дека приговорите пристигнуваат. Се создадоа можности сите граѓани кои сметаат дека се онеправдани да поднесат приговор до институциите. Министерството за финансии и Генералниот секретаријат ги обработуваат и веројатно штом ќе имаат сумарни податоци ќе излезат и ќе ја известат јавноста транспарентно за каков тип на приговори станува збор. И секако групирањето на приговорите е многу важно, колку од нив се позитивно решени, колку не, секако се бараат и докази за да се приложат кон приговорот, рече Царовска.

Оние граѓани кои добиле платежни картички,  не можат да ги донираат , доколку не сакаат да ги користат, туку едиствена опција е да ги вратат назад.

Државата преку оваа антикризна мерка подели 324 илјади  картички, кои пак  направија метеж пред банките. Од Македонската банкарска асоцијација апелираа да се следат информациите кои банките ги испраќаат по СМС пораки за терминот за подигнување.

Во меѓувреме, Царовска вели дека е задоволна од досега собраните пари од донациите на фирмите кои одат во Фондот за солидарност. Во Фондот собрани се над 3 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.