Работодавачите во чии компании работеле повредените или загинатите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци треба овие случаи да ги пријават во Државниот инспекторат за труд како несреќи на работното место, препорачуваат од Македонското здружение за заштита при работа.

Во соопштението испратено до медиумите се наведува дека ова произлегува од Законот за безбедност и здравје при работа и оти непочитувањето ќе значи прекршување на Законот и е предмет на прекршочна постапка.

Со пријавата од страна на работодавачите, повредените вработени имаат можност да им биде исплатена 100 проценти од платата за време на периодот на заздравување, а отсуството од работното место да биде заведено како „повреда на работа” со што во понатамошниот работен век доколку се појават компликации, ќе може да се утврди од каде тие потекнуваат. По враќањето на работа, неопходно е овие вработени веднаш да бидат упатени на насочени медицински прегледи за да се утврди нивната преостаната работна способност.

Од Здружението напоменуваат дека им стојат на располагање на сите повредени за понатамошни консултации на телефонскиот број 02/2774-868 или на kontakt@mzzpr.org.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.