Во врска со информациите во дел од медиумите дека сточарите ја напуштиле трибината, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одговорно известува дека трибината ја посетија повеќе од 180 земјоделци кои присуствуваа и активно дискутираа повеќе од два часа, до крајот на настанот, на разни теми од сите области на земјоделството. Неуспешен беше обидот на десетина партиски активисти да создадат впечаток дека земјоделците наводно ја напуштиле трибината, стои во пишаната реакција на Министерството за земјоделство.

Како што стои во соопштението, на денешната трибина во Велес, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, посочи дека МЗШВ и Владата ја следат состојбата со откупот на јагнето. Николовски потенцираше дека во моментов е сезоната на откуп, но пикот на продажба се очекува да биде после први април пред самите празници.

Знаеме за откупната цена. Вчера и завчера постојано тимовите од МЗШВ комуницираат и ги следат состојбите. Бевме и сме во комуникација со сите засегнати страни, со здруженијата и со сточарите. Се одржаа низа средби во претходниот период и како ресорно министерство и како Влада она што можам да го кажам е дека нема да дозволиме сточарите одгледувачи на овци од нивниот производ да прават загуба и верувам дека сите заеднички ќе донесеме решение, изјави Николовски.

МЗШВ, се посочува, континуирано работи на воспоставување на контакти со нови пазари за извоз на јагнешкото и дека веќе течат преговори за добивање на квота за извоз на јагнешко месо на турскиот пазар. Заедно со здруженијата на овчарите МЗШВ редовно ја прати цената на европските берзи, посебно Хрватска, Грција и Италија како главни купувачи на македонското јагне.

Воедно се најавува дека во понеделник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе се одржи средба со фирмите кои вршат откуп и извоз на јагнешко месо и претставници на кланичната индустрија, при што ќе се разговара за откупот на јагнето и движење на цената на пазарот. Додека во вторник, се додсва, договорена е средба со Управниот одбор на Сојузот на одгледувачи на овци на Република Северна Македонија, на која ќе се разговара за производната и продажната цена на јагнето.

Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство, се наведува, ја завршува процедурата со пописот кај овците и козите кој што треба да заврши до крајот на јуни, кој што е важен за попрецизно дефинирање на политиките за секторот овчарство и распределба на субвенциите. Во делот на политиките за развој на овчарството, голем дел од барањата на овчарите се прифатени. Со Јавното претпријатие за пасишта се работи на измени во Законот за пасишта со кои ќе се овозможи да се склучуваат повеќегодишни договори за користење на пасиштата, ќе се спроведе вакцинација на јагнињата против бруцелоза и вакцинирање за ентеротоксемија кај овците, која што МЗШВ ја субвенционира со 50 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.