Во јануари ќе се вклучи и вториот котел во ТЕЦ Неготино и третиот блок во РЕК Битола, најави денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Според него, со максимално ангажирање на сите производни капацитети, ќе се обезбеди снабдување за грејната сезона и ќе излеземе од енергетската криза без рестрикции, вложувајќи напори да се избегнат ситуациите кои веќе се случуваат во околните земји во однос на снабдувањето со електрична енергија.

Генералниот директор на АД ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, изјави дека термоелектраната континурано работи веќе 10 дена. Тој не очекува проблеми во следниот период, како и дека во план е целосно да се реализира договорот за деловно-техничка соработка со АД ЕСМ во однос на производството на електрична енергија од овој капацитет.

Термоелектраната непрекинато произведува електрична енергија од 18 декември, и работи со половина капацитет, односно со еден котел со цел прилагодување и стабилизирање на системот по повеќегодишната пауза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.