Младите на возраст до 40 години, коишто се занимаваат со земјоделство или имаат бизнис идеја во секторот земјоделство, од денеска до 29 август 2021 година, ќе можат да аплицираат за добивање финансиска поддршка преку мерката 112 „Помош на млади земјоделци за почнување на земјоделска дејност“ или во јавноста попозната како „Млад земјоделец“.

Како што соопштија од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, корисници на оваа подддршка може да бидат сите кои имаат до 40 годишна возраст, а се регистрирани како индивидуални земјоделци согласно Законот за вршење на земјоделска дејност и Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Максималната прифатлива поддршка за инвестиција изнесува до 600 илјади денари или до 10 илјади евра по корисник, а барателите поддршката може да ja искористат за почнување земјоделска дејност, односно за инвестиции во опрема за преработка на земјоделски и производи од животинско потекло, како и за отворање соспствен агробизнис.

Доделената финансиска поддршка е неповратен грант.

Фокусот на оваа мерка е насочен кон лицата на кои земјоделството им е примарна дејност. Финансирањето од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година се врши врз основа на одобрено барање за користење средства од Програмата и склучен Договор за финансиска поддршка за одобрена инвестиција. Исплата на средства се врши согласно Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќа на годишно ниво во најмногу три рати.

Во соопштението се наведува дека сите заинтересирани може да ги поднесат барањата електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk

Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања по различни мерки земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година. Во соопштението се подвлекува дека барателите кои ги исполниле условите за користење на средства за мерките 112, се рангираат со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој. Барањата со ист број на бодови се реангираат по принцип прв дојден прв услужен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.