Претседателот на Владата, Зоран Заев заедно со првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, градоначалникот на Сарај Блерим Беџети и пратеникот и претседател на ДУИ, Али Ахмети, денеска ја посетија производствената фабрика од индустриска дејност „One cable“ во Сарај.

Се работи за современа инвестиција вредна три милиони евра за производство на бакарни кабли и ПВЦ гранулат за електрична енергија со најмодерна технологија, која вработува 30 висококвалификувани кадри. Производството се пласира на домашниот пазар, а веќе се конкуренти и извезуваат во Албанија, Бугарија, Хрватска и Косово.

При посетата на фабриката „One cable“ премиерот Заев истакна дека станува збор за производствен капацитет кој ќе го смени целосниот деловен амбиент во земјата. Во оваа прилика тој подвлече дека и во услови на светска пандемија економската активност расте, а тоа го потврдуваат и последните официјални податоци од Државниот завод за статистика и анализите од технолошко индустриските развојни зони.

„Во зоните, регистрирани се рекордни економски активности во првите осум месеци од 2021 година во однос на минатите години. Вкупниот извоз во првите осум месеци достигна 2,04 милијарди евра, што е за над 50% повеќе во однос на истиот период лани, односно над 11% во споредба со 2019 година и речиси 32% повеќе од 2018 година. Дополнително расте и бројот на вработени: регистриран е раст од 7,15% споредено со истиот месец лани, односно над 14.000 наши сограѓани работат во зоните. Имаме најава за нови странски инвестиции во Штип, Кичево и Скопје, со вкупен обем од над 54 милиони евра. Само овие инвестиции треба да донесат 680 нови работни места и да го зголемат вкупниот извоз за над 850 милиони евра во десетгодишен период. Од почетокот на годинава имаме започнати или во фаза на реализација договори за нови инвестиции од речиси 160 милиони евра“, подвлече премиерот Заев и додаде дека Владата гради економски политики на солидна база и планира на долг рок.

„Просечната нето-плата во државата континуирано расте и истата по вработен, во јуни 2021 година, изнесува 28.744 денари, што е за 7%, односно за 1.877 денари повеќе во однос на јуни минатата година. Бележиме историски најниско ниво на стапката на невработеност од 15,9% со тенденција таа дополнително да се намали до крајот на годината. Владата продолжува со посветена работа и добри економски политики за подигнување на животниот стандард. Инвестициите, вработувањата и повисоките плати го менуваат животот на подобро“, истакна премиерот Заев.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби истакна дека ова е повеќе од добар сигнал за условите што Владата ги нуди на бизнис заедницата.

„Многу сум горд на климата на доверба и соработка што ја изградивме со стопанствениците, затоа што имаме заеднички интерес, развиена и еднаква држава за сите каде што заедно ќе живееме уште подобар живот“, рече на денешниот настан првиот заменик-претседател на Владата, Груби.

Тој посочи дека сите компании, без разлика дали се странски или домашни имаат сериозен партнер и подадена рака од Владата за остварување на инвестиции со цел подобрување на економијата во општините и целата земја.

„Сметам дека оваа наша соработка во Владата и во општините ви носи вам како стопанственици предвидливост и сигурност да го реализирате и развивате својот бизнис, без страв и без сомнежи. Нашата конструктивна соработка ги успокојува и граѓаните, затоа што тие не сакаат поделба, не сакаат едно Скопје за нив и друго Скопје за нас, не сакаат споменици, туку сакаат фабрики, не сакаат судири, туку сакаат мир, тие не сакаат една Влада или една Општина за едни да биде мајка, а за други маќеа“, заклучи првиот вицепремиер и министер за политички систем Груби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.