Делегација на јапонскиот производител „Мицубиши“ ги посети АД ЕСМ и Подружницата РЕК Битола со цел испитување на можностите за изградба на гасна електрана со моќност од 250 MW во кругот на РЕК Битола, соопшти АД Електрани на Македонија.

На средбите со Управниот одбор на АД ЕСМ и со менаџерскиот тим на РЕК Битола, претставниците на јапонскиот гигант, како што се посочува, изразија подготвеност за активно учество во изградба и на други постројки кои се предвидени во планот за трансформација на производството на електрична енергија во Република Македонија, односно реализација на т.н. зелено сценарио во енергетиката.

Согласно податоците што ги сподели делегацијата на „Мицубиши“, изминатите три години оваа јапонска компанија има вложено околу две милијарди евра во изградба на гасни централи за производство на електрична енергија. Врз основа на овие импозантни податоци, претставниците на „Мицубиши“ гарантираат ставање во функција на гасната централа во РЕК Битола до почетокот на 2026 година.

Делегацијата на „Мицубиши“ оствари средба и со претставници на Владата од каде била изразена подготвеност заедно со АД ЕСМ да се работи на проект за стратешко партнерство со јапонскиот производител, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.