Некаде околу 115 милиони евра е дефицитот односно новиот долг за само три месеци и тоа е некаде од прилика за 13.500 денари задолжено секое едно семејство или за 220 евра за секое семејство за само три месеци. На сметка на тоа капиталните инвестиции се некаде околу 55, 56 милиони евра и тоа е без пакетот помош од петтиот пакет кој што требаше да биде за февруари и март кои што се двата месеца од првиот квартал, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа.

Мицкоски, нагласи дека економската ситуација е страотна додавајќи дека над 55.000 лица ги изгубиле своите работни места.

Ама не е само тоа, вие имате индустриско производство кое што во првите два месеца споредбено со првите два месеца од претходната година кога уште немаше криза е помало за 12 проценти. 12 проценти е помало. Имате околу 4 проценти помалку вработени лица во индустријата. Страотна е ситуацијата. Имате 55.000 луѓе кои што ги изгубиле своите работни места, имате нови дополнителни 3 денари акциза на нафтата од пред некој ден и затоа поскапи дизел горивото, имате за 25, 30 проценти поскапо масло за готвење. На секој чекор имаме страотна ситуација, истакна Мицкоски.

Претседателот Мицкоски додаде дека додека народот трпи за леб, функционерите си ги полнат џебовите.

Ова се кога ќе го ставите на куп, ние за многу кратко време ќе отидеме преку 85, 90 проценти задолженост. Тоа значи дека ликвидноста на Македонија ќе биде нарушена и за прв пат можно е да се доведеме до ситуација да имаме макроекономска нестабилност.  Среќа што банкарскиот систем, среќа што можеби има разумни луѓе се уште во Народната Банка и претпоставувам ќе ги вразумат и ќе им кажат дека вака работата не иде. И за нив може ова се да е супер и блескаво и да се полнат нивните приватни џебови, но народот нема леб да јаде. И треба да се свестат дека народот нема леб да јаде, рече Мицкоски.

Мицкоски е дециден и вели дека е одлучен да се бори против овие луѓе бидејќи не размислуваат за народот, ниту пак знаат да носат стратешки одлуки.

Јас не мислам дека они размислуваат за народот и затоа се борам против овие луѓе. Мислам дека мислат само за себе и не знаат стратешки да размислуваат и да носат стратешки одлуки. Јас сум одлучен да се борам против нив, дециден е Мицкоски.

Мицкоски, додаде дека СДСМ се пет години на власт а немаат ниту една шајка заковано до сега, а постојано само обвинуваат.

Пет години се власт што направи: Ене викаат автопат ќе прават, автопатот Блаце – Скопје, три или четири километри паркираат два багери а метар немаат мрднато, шајка немаат убодено, објасни Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.