Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на промоција на концептот „Македонија за сите луѓе“ во Карпош, порача дека е време Македонија да направи чекор напред и да ја прифати и имплементира употребата на најсовремените технологии.

Како една од таквите тенденции, Мицкоски ги посочи крипто валутите и „блокчејн“ технологијата кои за многу луѓе во светот претставуваат чекор кон иднината.

Ќе бидеме пионери или меѓу првите во регионот коишто ќе понудат формализиран пристап во трговијата со крипто валутите и „Блокчејн“ технологијата, нешто што денес за многу млади луѓе, не само во Македонија туку и во регионот, Европа, САД претставува сериозен исчекор кон иднината. Треба и ние да одиме кон иднината, а не пасивно да ја чекаме таа иднина, затоа што ако пасивно ја чекаме иднината никогаш нема цврсто да зачекориме кон неа – истакна Мицкоски пред граѓаните на Карпош.

Мицкоски најави формализирање на пазарот за крипто валути, со што ќе се овозможи над половина милијарда евра да завршат во Буџетот. Како што потенцира Мицкоски, тоа ќе бидат половина милијарда евра за образованието, за инфраструктурата, за болници и за голем број проекти.

Токму овој проект на ВМРО- ДПМНЕ ќе донесе развој на Република Македонија, овој проект ќе биде за добробит за граѓаните и за државата. Наместо полиња со марихуана ќе имаме модерни технологии и повеќе пари за народот. ВМРО-ДПМНЕ нуди политики за 21 век, а СДСМ ја враќа Македонија во 19 век – истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во моментов пазарот на крипто валути има вредност од 2.5 трилиони долари, што е многу повеќе од капитализацијата на најголемите светски банки, инвестициски фондови и големи фирми.

Македонија мора да фати чекор со иднината. Во Германија 40-тина банки вршат трговија со круптовалути и овозможуваат на своите клиенти да разменуваат биткоини или етериуми за пари. Тоа ќе биде случај и во Македонија и тоа ќе значи голема можност и за граѓаните на Македонија и за луѓе од соседството да го врамат своето тргување во една легална законска рамка – истакна Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.