Ако ја погледате структурата на бруто домашниот производ во третиот квартал ќе видите дека опаѓање има во сите суштински гранки, има опаѓање во градежништвото, има опаѓање во трговијата, има опаѓање во преработувачката индустрија. Ако пак го гледате индустриското производство во октомври месец кој што е прв месец во четвртиот квартал ќе забележите дека имате пад од 5.3 проценти споредено со октомври 2021 година и повторно во трите суштински гранки, а тоа се двоцифрен пад во рударството и вадењето камен, имате повеќе од 4 проценти пад во преработувачката индустрија и повеќе од 9 проценти во снабдувањето со електрична енергија, гас, климатизација. Шокантна е ситуацијата во економијата, не само што нема да го постигнеме проектираниот раст кој што беше предвиден со најпрвин буџетот, а потоа и со ребалансот на буџетот, туку ќе одиме многу подолу, а со тоа ќе се зголеми и бруто долгот на државата и јавниот и државниот долг. Ова е уште една причина да излеземе на предвремени избори, да понудиме платформа. ВМРО-ДПМНЕ има проекти, има политики, знае како, често пати сме ги зборувале во јавноста да престанат овие би рекол неконзистенти политики од страна на владата, народот да престане да губи и државата за да можеме да тргнеме напред, колку подолго се таму толку повеќе Македонија ќе губи и толку повеќе ќе губи македонскиот народ. Тоа е суштината, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната негова посета во Гази Баба.

Претседателот Мицкоски укажа дека за разлика од Македонија, државите во регионот имаат економски раст и поради тоа се потребни избори што побргу.

-Хрватска прочитав, токму денеска на еден од социјалните мрежи, премиерот Пленковиќ вели рекорден раст на бруто домашниот производ во третиот квартал повеќе од 5 проценти мислам дека беше 5.2 проценти. Се срамам што овие луѓе ме водат, со овие комедијанти, со скапо платени пи-ар стратези кои што им викаат да користат лажни епитети за себе како херои и слично, сеуште ја водат државата и ја водат исклучиво само со криминал, незнање и неспособност. Колку поскоро ќе излеземе на избори, толку побргу ќе и тргне на Македонија, рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски се осврна и на субвенционираната струја каде објасни дека бизнисот денес не добива субвенционирана струја затоа што власта не е способна тоа да го овожможи.

-Бизнисот не доби субвенционирана струја, напротив од страна на ЕВН секоја компанија денеска добива писмо со предупредување дека ако не се врати на слободниот пазар од 1 јануари ќе биде или исклучена или ќе биде снабдувана по многу висока цена. Ние бевме тие кои што предложија до владата пакет мерки во енергетиката. Првата мерка беше сите компании, јавни претпријатија кои што се занимаваат со водостопанска дејност тука се вклучени и пречистителните станици и третманот на отпадни води да добијат повластена цена затоа што ако не добијат повластена цена овие компании трошоците ги декларираат пред регулаторна комисија, регулаторна комисија ќе утврди повисоки цени, а тие цени на крајот од денот ќе ги плаќаат граѓаните и стопанството односно истиот овој бизнис и тоа не послушаа, тука не послуша, морам да признаам и тоа го поздравивме. Тие сега добиваат цена од 1 декември 95 евра за мегават час. Исто така баравме и училиштата основните и средните да бидат со регулирана цена затоа што вака едноставно не можат да издржат и добро е и тоа што не послушаа, ја добија таа регулирана цена од мислам беше 80 евра ако не се лажат по мегават час. Но се останато што го предложивме не го прифатија, а тоа беше позиции кои што ќе обезбедат поефтин ресурс за производство во ТЕЦ Неготино и производство во ТЕ-ТО Скопје, не далеку од овдека. Кога ќе видите дека ТЕ-ТО Скопје произведува да знаете дека таа струја завршува на слободниот пазар ја плаќате по 4 до 5 пати повисока цена од таа што ние ја предвидовме. Зошто не произведува ТЕЦ Неготино, ТЕЦ Неготино не произведува затоа што е расипан генераторот, а не затоа што е предвиден ремонт. Така што таа неспособност се манифестира секој ден, до скоро не работеше и блокот 2, нема денеска информација свежа дали е вклучен на мрежа. Блокот 3 во Битола не работи, затоа што трансформаторот не е ни во Македонија, кој што требаше да дојде на 1 ноември и така натаму. Има многу многу проблеми кои што се случуваат и затоа вие денска плаќате многу поскапа струја и стопанството плаќа многу поскапа струја од таа која што треба да ја плаќа. Ќе ве потсетам Бучим не работи и не работи Фени, а не работат и многу други стопански производни капацитети поради тоа што не добиваат субвенционирана струја, додаде Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.