Се одложува оданочувањето на доходот на камати од депозити и на доходот од капитална добивка од хартии од вредност, кои требаше да стапат на сила на почетокот на 2020 година, за три години подоцна, односно за 2023 година. Исто така, освен одлагањето се предлага намалување на даночните стапки, односно од 15% на 10% за депозитите и стапки од 0% до 15% кај капиталната добивка, во зависност од време на поседување на хартиите од вредност. Ова ќе биде предвидено со измените на Законот за данок на личен доход кои ќе ги предложи Министерството за финансии врз основа на сеопфатни анализи. Министерката за финансии Ангеловска истакна дека значаен исчекор е и дека решението кое ќе стапи на сила од 2023 година, е познато на јавноста уште сега.

Кај оданочувањето на капиталната добивка од хартии од вредност, Анегловска рече дека ќе се направи системско решение со кое висината на даночната стапка ќе зависи од периодот кој инвеститорот ќе ги поседува хартиите од вредност. Оние кои се долгорочни инвеститори ќе бидат ослободени од плаќање на овој данок.

Ќе се воведат 2 даночни стапки зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност односно, стапка од 15% за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал и со уделите, односно истите ги држат кај себе до 1 година. Инвеститорите кои ги држат хартиите од вредност од 1 до 10 години ќе се оданочуваат со стапка од 10%. Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отварање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда – рече Ангеловска.

Таа посочи дека Комисијата за хартии од вредност и Македонската берза доставиле до Министерството за финансии компаративна анализа и проценка на ефектите од имплементација на моменталното законско решение, кои се навистина незначителни.

Во услови кога полека се враќа довербата на граѓаните во македонскиот пазар на хартии од вредност и физичките лица се се’ повеќе присутни на пазарот, она што најмалку сакаме е дестимулативно да влијаеме врз истиот. Особено важна работа е обврската која се спремни да ја преземат сите инволвирани страни – Македонска берза, Комисијата за хартии од вредност, Централниот депозитар на хартии од вредност, да се ангажираат во градењето на електронски-поврзан систем со кој спроведувањето на одредбите од Законот нема да биде оставен на товар и волја на граѓаните, а данокот автоматски ќе биде пресметан и уплатен во Буџетот – рече Ангеловска.

Се предлага и намалување на даночната стапка кај доходот од камата од депозити на 10%, наместо тековните 15%, за да се изедначи со третманот кој што ќе го имаат граѓаните кои своите заштеди ги пласираат долгорочно на пазарот на капитал.

Ремоделираното решение кое ќе го предложиме предвидува елиминирање на ослободувањето што е предвидено во моменталното законско решение, за плаќање на данок на доход од камати над 15.000 денари. Со тргнувањето на ослободувањето, прво значително ќе се поедностави администрацијата на данокот, а второ, ќе се обезбеди изедначен третман на заштедите со долгорочното инвестирање на пазарите на капитал – рече Ангеловска.

За данокот на доход на депозити, Ангеловска реше дека причината поради која се предлага одлагање е пред се’ резултат на потребата од нормативно доуредување, во делот на обврската за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот преку предностите кои ги овозможува технологијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.