Четвртиот и петтиот пакет антикризни мерки нема да имаат ефект зашто не се правилно насочени, реагираа денеска претставниците на месната индустрија од земјава.

Тие сметаат дека Владата повторно треба да ги врати ваучерите „Купувај домашно“, за да се насочат средствата на граѓаните кон домашните компании.

Засега проблемот со вишокот свежо свинско месо кој се јавил поради намалената потрошувачка (ограниченото работење на угостителските објекти и намалената куповна моќ на граѓаните), се решава со договор меѓу производителите и преработувачите кои прават напори да ги откупат целосно произведените количини, но неопходна е помош и од државата преку пренасочување на мерките, посебно оние од петтиот пакет кој се уште не е донесен.

Првите три пакета беа подобри и поефикасни, многу повеќе им помогнаа на домашните компании, за разлика од четвртата мерка која не даде резултат и покрај средствата за таа намена. Во претходните мерки луѓето имаа картички за купување домашни производи, а сега ги добиваат парите на сметки и ги користат за различни намени, што го разводни ефектот. Првичните ефекти од мерките можеби беа помали, но требаше да се продолжи во таа насока. Бараме Владата да ја стимулира домашната потрошувачка со мерката „Купувајте домашно“ преку издавање ваучери со стриктна намена, да се потрошат исклучиво за домашни производи – свежо месо и месни преработки, млеко и млечни преработки – рече денеска на прес-конференција претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо, Гоце Трајчев.

Овој апел, според Групацијата, е во согласност со мерките и активностите што ги применуваат и останатие земји. Инфраструктурта е поставена, само треба да се насочат средствата, нема потреба од други, специјални активности, освен промоција и правилно насочување на поддршката.

Во месната индустрија обично се јавува вишок на свежо свинско пред празниците поради постовите, и тоа е секогаш така, но тоа се помали вишоци. Сега се соочуваме со благо нарушување на пазарот нешто порано, што е резултат на неработењето на рестораните, хотелите, кафеаните, сите седат дома, намалена е потрошувачката. Оттука и апелот до Владата за промена на последниот сет мерки кој сметаме дека нема да даде резултат – истакна Васко Ристовски од Стопанската комора.

Домашната прехранбена индустрија бележи намалување на производството од околу 20 отсто. Се надминаа проблемите од почетокот на пандемијата додека се воспоставија транспортните рути и немаше откажувања, но неработењето на домашните хотели и ресторани се одразија врз целокупната состојба.

Годинава се очекува да се тргне забраната за извоз на свинско месо во ЕУ, што ќе биде позитивен ефект за домашната месна индустрија, велат од Стопанската комора.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.