Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на сите објекти и културни споменици, да не се користи осветлување во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина, во сезоната на ладење температурата на климатизерите да биде 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, намалување на осветлувањето на улиците, патиштата, плоштадите на минимум … Ова се дел од задолженијата и препораките кои денеска ги донесе Владата на предлог на Министерството за економија за намалување на потрошувачката на електрична и на топлинска енергија со цел да имаме безбедна зима. Овие задолженија ќе бидат во сила од 1 септември годинава до 31 март 2023 година.

Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими на енергетски план не само во нашата земја туку сите земји во регионот и во Европа, рече министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција на која ги претстави сетот мерки и препораки.

Тој посочи дека со цел полесно да се справиме со периодот кој не очекува за да имаме непречено снабдување со електрична енергија и нејзино ефикасно искористување и крајна цел пониски сметки за струја Министерството за економија подготви план и препораки на заштеда на струја за безбедна зима.

Препораките, укажувањата и задолженијата се поделени во повеќе категории пред се во зависност дали се работи за домаќинства, компании или простории на јавни објекти во сопственост на државата – како министерства, агенции, органите на државна управа, општините и градот Скопје, рече Бектеши.

За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки за штедење на електрична енергија, а за институциите се предвидени конкретни задолженија.

Целта која треба да се постигне е намалување на потрошувачка на електрична енергија за 15 отсто споредено со истиот месец од претходната година, рече Бектеши.

Доколку не се постигне оваа цел ќе има санкции за сите раководители на институциите предвидени со посебна одлука и со заклучок од страна на Владата, додаде министерот.
Задолженијата за јавните објекти се однесуваа на оние кои се во сопственост на државата – министерства, агенции органи во државната управа и сл.

Така, сите државни и јавни институции и државни претпријатија се задолжени:

  • Да го исклучат декоративното осветлување на фасадите на сите објекти и културни споменици,
  • Да не се користи осветлување во внатрешните простории во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина,
  • Во јавните објекти во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени,
  • Просториите да се проветруваат кратко и интензивно,
  • Исклучување на светилките кога се напуштаат просториите или може да се користи дневна светлина,
  • Печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што се неопходни,
  • Да се исклучуваат сите компјутери по завршување на работата,
  • Да се заменат каде што има финансиска можност старите светилки со нови поефикасни светилки,
  • Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела односно клима уредите во работните простории,
  • Се препорачува до јавните претпријатија во рамките на буџетите инсталирање на колекторски системи за загревање на вода,
  • Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот,
  • Да се инсталираат интелигентни системи за управување на потрошувачката на енергија.

За да се реализираат сите овие задолженија сите институции на централно ниво и државни претпријатија од редот на вработените ќе треба да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено по завршување на работното време со цел намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија за 15 отсто споредено со истиот месец минатата година, рече Бектеши.

Раководителите секој месец ќе имаат задолженија да доставуваат до Генералниот секретаријат на Владата извештај за потрошувачката на енергија во претходниот месец како и податок за споредба со истиот месец претходната година најдоцна до 15-ти во тековниот месец.

Препораки има и за домаќинствата – тие потпаѓаат под стандардните препораки за заштеда на струјата што Министерството за економија ќе ги објави на интернет страницата на министерството, а тоа ќе го сторат и енергетските компании. Истото се однесува и за препораките за бизнис заедницата.

Во делот на јавните патишта веднаш да отпочне со намалување на осветлувањето поставено на државните патишта до минимален сигурносен обем на осветлување на улици плоштади и други објекти. Овие препораки важат и за локалната самоуправа и апелирам ЗЕЛС да ги информира сите општини, со цел преку нивните совети да се донесат соодветни мерки, рече Бектеши.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевскипосочи дека се прават напори да се зголеми производството и за да се задоволат потребите на потрошувачите, најавувајќи дека компанијата ќе произведе  15 отсто повеќе електрична енергија од лани, пред се како резултат на поголемо производство кај термоелектраните. Производството кај хидроелектраните е значајно помало.

Планот за производство на електрична енергија се базира на зголемен ископ на јаглен во рудниците Суводол и Брод Гнеотино, за да се задоволат потребите на двата блока во РЕК „Битола“. Исто така има и увоз јаглен за подобрување на калоричноста, рече Ковачевски додавајќи дека ТЕЦ „Неготино работи со половина капацитет, односно со еден котел, како и дека интензивно се прават залихи на мазут со цел да може да се користат кога ќе се зголеми потрошувачката.

Во однос на следната грејна сезона и на системот за централно греење во Скопје, Ковачевски рече дека доколку АД ЕСМ го добие тендерот, за што веќе се основани три трговски друшвтва, смета дека ќе бидат задоволени потребите. Со цел да се обезбеди континуирано снабдување на топлинска енергија на потрошувачите во Скопје, сепак, како што посочи, ќе треба и финансиска помош од Владата.

Ковачевски исто така рече дека за снабдување со топлинска енергија на Битола и други две општини, ќе се формира трговско друштво.

Во ЕСМ се преземени и мерки за намалување на непродуктивните трошоци, кои како што вели Ковалчевски се намалени за 50 милиони евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.