Општина Охрид ги намали цените на услугите за паркирање возила во централното градско подрачје, со цел ублажување на последиците што ги трпат угостителите од ситуацијата настаната со епидемијата на корона вирусот.

Со оваа одлука, цената за паркинг во централното градско подрачје, одноно во Премиум зоната, за периодот до 25 декември, ќе чини 30 денари од час.

Одлуката на надлежното ЈП „Билјанини извори“, што стопанисува со паркинзите низ градот, е донесена на барање од Здружението на угостители „Охридски еснаф“, во кое била сугерирана промена на тарифата за паркинг во центарот на градот, пред се од аспект на последиците и загубите што секојдневно ги генерираат угостителите.

Со позитивниот одговор здружението смета дека дополнително ќе се зголеми посетеноста на угостителските објекти што во извесна мера би ги ублажило негативните ефекти во нивното работење.

Одлуката е потврдена на последната седница на Советот на Општина Охрид, така што наплатата на паркирањето по новата снижена цена стартува веќе од денеска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.