Неисплатени или намалени плати, притисок врз работниците да потпишуваат спогодби за престанок на работниот однос, злоупотреба на државната помош за исплата на плати и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа, се дел од прекршувањата на работничките права со кои работниците годинава ќе го прослават Меѓународниот ден на трудот.

Двата најголеми синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), во изјава што МИА ја побара по повод 1 Мај, посочуваат дека во изминатите две години евидентено е кршењето на работничките права уредени со Законот за работни односи и со колективните договори. Забележан е притисок врз вработените да потпишуваат бланко спогодби за престанок на работа, упатување на принуден одмор, непочитување на протоколите за заштита од Ковид-19, а неретки се и случаите на трансформација на работниот однос од неопределено на определено време.

Од почетокот на здравствената криза, правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, приговори, тужби и директно постапување пред надлежните органи, обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени, наведува ССМ.

Над 40 проценти од обраќањата на работниците кои минатата година побарале правна помош од ССМ се за неосновано намалени и неисплатени плати, додатоци на плата и регрес за годишен одмор, а исто толкав е и процентот на обраќања за отказ од работа.

Карактеристично беше упатувањето на работниците дома со образложение на работодавачите дека нема работа заради здравствената криза или дека нема услови истата да се организира според државните протоколи. Притоа, на овие работници им беше намалена платата и не се почитуваа уредбите на Владата за право на платено отсуство, нагласува ССМ во изјавата за МИА.

Отказите се евидентирани особено во чевларската и металната индустрија и во угостителството, а забележани се и откази на договорите за вработување на претседатели на синдикални претставници во компаниите.

Преземени се сите активности за нивна заштита, во тек се и судски постапки во врска со незаконитото постапување кон синдикалните претставници, затоа што тоа дирекно влијае на сузбивање на синдикалното организирање и делување, а во 2 случаи Државниот трудов инспекторат и Судот ги врати на работа синдикалните претставници, информира ССМ.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) велат дека пандемијата уште повеќе придонела за злоупотреба на законите и прекршување на правата на работниците, но според нив, затаиле и инспекциските служби.

Мораме да истакнеме дека институциите на системот кои треба да ги заштитат работниците одговорни за законите од трудовото право целосно затаија, пред се тука мора да го споменеме Трудовниот инспекторат кој немо гледа на крешењето на работничките права, пропишани со закони и колективни договори, истакнува КСС.

Двата најмногубројни синдикати по своето членство бараат да се признае и Ковид-19 како професионално заболување за сите работници, а на заболените работници да се исплаќа 100 проценти плата.

Според КСС, кои заедно со Македонското здружение за заштита при работа, поднесоа иницијатива до Уставниот суд, ваквото барање е легитимно и согласно законите.

Ова е нешто за што ќе ги вложиме сите напори за да го ставиме Ковид-19 на листата за професионални заболувања, бидејќи согласно Законот за безбедност и здравје при работа, Правилникот за биолошки агенси и Законот за ПИО, тоа е наше право и треба да се постапи согласно законите. Никој не ја почитува законската обврска за проценка на ризик на работното место по појавата на нова биолошка шптетност како што е случајот со Ковид -19, наведува КСС во изјавата дадена за МИА.

Меѓународниот ден на трудот традиционално се одбележува со синдикален марш на кој се испраќа порака за зачувување и унапредување на работничките права.

Годинава, поради пандемијата очигледно ќе изостане традиционалниот првомајски марш. Од Сојузот на синдикати на Македонија најавуваат дека Денот на трудот безбедно ќе го одбележат пред зградата на ССМ од каде ќе испратат порака дека силата на работниците е кога тие се ЗДРУЖЕНИ СО ИСТА ЦЕЛ за заштита и унапредување на работничките права.

Ќе се обоиме црвени во солидарност за поддршка на сите работници кои ги загубиле своите работни места, не примиле плата и им се прекршени работничките права. Заради ограничениот простор и потребата од почитување на сите мерки и протоколи со држење на растојание, носење на маска и да не се групираме, грижејќи се за здравјето, ги повикуваме сите работници да се приклучат и дигитално и заедно да го обоиме и дигиталниот простор со црвена боја која преовладува и по повод Велигденските празници, но и во името на солидарноста, како црвена линија, како црвен картон, како стоп за кршење на работничките права, порачуваат од ССМ.

И од Конфедерацијата на слободни синдикати нема да организираат протестен марш, но велат дека ќе продолжат со нивните барања за поголеми работнички права.

Имајќи предвид дека сме во состојба на пандемија и дека 1 Мај се празнува заедно со верскиот празник Велигден нема да се одржи протестен марш. Работниците ќе ги оставиме да го поминат празникот со своите семејства, а ние како синдикат ќе продолжиме со нашите планирани чекори и активности и ќе ги доставиме нашите барања до Владата од која се надеваме дека ќе го прекинат молкот и игнорирањето на проблемите со кои се соочуваме секој ден, велат од КСС.

Меѓународниот ден на трудот се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во 1886 година се одржа во Чикаго на кој се бараше осумчасовен работно време. Во знак на почит кон жртвите, во 1889 година на основачкиот конгрес на Втората интернационала е донесена Декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации со цел да се подобри нивната положба.

Оттогаш во повеќето држави низ светот се одржуваат протестени маршеви. Во земјава, 1 Мај е прогласен за неработен ден согласно Законот за празници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.