Започна шестиот Македонскиот енергетски форум – МЕФ23 во Скопје. Иднината е во обновливите извори на енергија, децидни беа сите говорници на отворањето на овогодинешниот форум. Форумот од година во година расте и ги опфаќа сите важните теми од полето на енергетиката. Темата на овогодинешниот МЕФ23 е „Подобрување на триаголникот ‘Политики – Финансиска – Енергетска технологија’ за енергетска отпорност и зелена транзиција“.

“Чест ми е што сум покровител на овој регионален форум, каде бизнис заедницата, академијата и владите од регионот се на исто место и дискутираат за иднината на енергетиката и обновливите извори на енергија,” изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.

“За нашата влада, јасен е изборот што го правиме за енергетиката, а истовремено тоа е и многу добро за бизнисот. Со овозможувањето на либерализација на енергетскиот пазар, Македонија стана енергетски лидер во Западниот Балкан, особено во користењето на обновливи извори на енергетика,” додаде Битиќи.

“Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси”, порача американската амбасадорка во државава Анџела Агелер на отворањето на шестото издание на МЕФ Енергетскиот Форум 2023.

Мартин Викерс, претставник на Велика Британија за енергетика во Западниот Балкан, потврди дека обновливите извори на енергија се јасна иднина и се приоритет за Велика Британија. “Гледам дека има многу амбициозни цели поставени од Владата на Македонија и гледам дека тие цели полека се остваруваат,” истакна Викерс.

“Денеска, се потсетив колку тешка зима имавме кога беше во прашање енергијата и целата енергетска криза. Заедно ја поминавме целата криза и си помогнавме едни на други. Ве охрабруваме да продолжите и да ги завршите сите законски измени за енергетска ефикасност оваа година, не само за да осигураме безбедна иднина и заштита од следните кризи, туку и да можете да ги отворите новите фондови на ЕУ.”, изјави Џулијан Васало, заменик амбасадор на ЕУ во Македонија.

Македонскиот енергетски форум продолжува денес и утре, со нови дискусии и сесии посветени на проблемите и возможностите пред енергетскиот сектор. МЕФ е заедничка иницијатива на ЗИП Институт, Владата на Република Македонија и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Форумот започна во 2018 година како иницијатива којашто требаше да поттикне редовен формален дијалог за различни теми поврзани со енергетиката, да придонесе за разјаснување на интересите на инвеститорите во енергетиката во овој регион и да понуди алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.