Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ склучи договор со битолската компанија „Марковски компани“ за ископ на јаловина во РЕК Битола во следните 12 месеци, чија вредност изнесува 342 милиони денари или околу 5 и пол милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Ова е прва јавна набавка за ангажирање на механизација за потребите на РЕК Битола откако и формално пропадна тендерот на АД ЕСМ за набавка на сопствена механизација, со што не би постоела потреба да се одлевааат милионски суми кон приватни компании.

Ваквата јавна набавка беше започната веднаш по промената на раководството на АД ЕСМ во 2017 година, но таа никогаш не беше комплетирана, а следната беше поништена од Комисијата за жалби по јавни набавки.

Инаку, „Марковски Компани“ во сопственост на Борче Марковски е една од неколкуте компании што во изминативе години редовно добива високи тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола.

На истиот ден кога беше објавен овој договор за ископ на јаловина, АД ЕСМ објави оглас и за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во рудниците на РЕК Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.